Македонија ги почнува претпристапните разговорите за членство во НАТО

Денес и утре со посетата на членовите на Комитетот за интеграција во НАТО и на Работниот комитет за интерација на седиштето на Алијансата во Брисел почнуваат претпристапните разговори за членство на Македонија во НАТО. Македонија на Самитот во Брисел во јули и официјално доби покана за членство во најголемиот воено-политички сојуз во светот, но влезот е условен со имплементација на Договорот од Преспа. Со оваа сесија разговори во Брисел Македонија ја отвора последната фаза во односите со НАТО пред членството во Алијансата. Комитетот за интеграција во НАТО е на министерско ниво, додека Работниот комитет предводен од националниот координатор за НАТО, Стево Пендаровски дејствува на оперативно ниво.
Македонската делегација ќе се состане со експерти од НАТО, чиј тим ќе биде предводен од помошникот на генералниот секретар на НАТО за политички работи и безбедносна политика, Алехандро Алваргонзалес. Да се номинира висок претставник на НАТО да ги предводи пристапните разговори е пракса што исто така се примени при последното проширување на НАТО со Црна Гора. Алваргонзалес веќе го посети во Скопје во март 2018 каде оствари средби со високи претставници на земјата.
Македонската страна изготви нацрт-програма, која ќе биде презентирана во Брисел, а примарниот фокус е насочен кон владеењето на правото, судските реформи, борбата против корупцијата и организираниот криминал, реформите во одбранбениот сектор, но и во безбедносните служби, како и правните прашања кои произлегуваат од членството на Македонија во НАТО. Разговорите ќе се одвиваат во две сесии, првата ќе ги опфати политичките и одбранбените прашања за исполнување на критериумите, а втората прашањата поврзани со ресурсите, безбедноста, правните аспекти, како и придонесот на Макеоднија во заедничкиот буџет на Алијансата. Во оваа фаза на преговорите начелно ќе биде утврдена временската рамка за нивно комплетирање.
– Сето ова треба да оди преку имплементација на Договорот од Преспа, како што впрочем и ни диктира доминатната политичка волја на мнозинството македонски граѓани. Според сите анализи направени од релевантни институции и поединци, нашето членство во НАТО значително ќе ја зголеми безбедноста и стабилноста на земјата, но во исто време ќе биде и позитивен пример и придонес кон регионалнатата безбедност, стабилност и просперитет, рече Пендаровски на прес-конференцијата во вторникот, на која заедно со вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска и шефот на дипломатијата Никола Димитров го најавија стартот на разговорите.
Процесот, како што истакна Пендаровски би требало да заврши до крајот на декември оваа година, во јануари 2019 е предвидено Македонија да го потпише Протоколот за пристапување со право на учество во сите тела и органи на НАТО, но без можност да гласа, а приемот во полноправно членство ќе се случи откако земјите-членки ќе го ратификуваат тој Протокол за пристапување, секоја поединечно во своите национални парламенти. Во случајот со Македонија предвидено е Грција да биде првата земја членка која што ќе го ратификува овој протокол, откако земјата ќе го заврши својот дел од обврските од Договорот во Преспа.
– Со добивањето на полноправно членство ќе се реализира нашата стратешка цел, а членството во НАТО ќе биде силна гаранција за стабилноста, сигурноста, неменливоста на границата и зачувување на територијалниот интегритет. Членството во НАТО е важен предуслов за економскиот развој, стимулирање на инвестициите, подобро платени работни места и просперитет, рече министерката Шеќеринска.

 

 

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.