Македонија добива нов мобилен оператор: Омилената компанија на Орбан основа подружница во државава

Регистрацијата на фирмата „Оne Macedonia Telecommunication“ е завршена, а целта, како што велат од унгарската компанија, е да влезе што поскоро на телекомуникацискиот пазар во Македонија.

Веќе се започнати консултации со Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) како регулаторно тело и избрани се локални и меѓународни консултантски фирми за поддршка на имплементација на стратегијата на групацијата во земјата.

„Посветени сме да влеземе на македонскиот телекомуникациски пазар со истата посветеност и иновациите што ги донесовме во Албанија и Црна Гора. Основањето на ‘Оне Македонија Телекомуникејшн‘ е нашиот прв значаен и опиплив чекор кон станување главен телекомуникациски провајдер во Северна Македонија“, вели Тамаш Табори, извршен директор на „Оне Македонија Телекомуникејшн и заменик-извршен директор одговорен за телекомуникациска стратегија во „4иГ“.

Од Групацијата велат дека ја имаат поддршката од македонската Влада, којашто очекува со доаѓањето на нов оператор да се зголеми пазарната конкуренција, да го подобри квалитетот на телекомуникациските мрежи, и со тоа да се забрза дигитализацијата на земјата.

Владата на 4 август соопшти дека „4иГ“ е заинтересирана да влезе на македонскиот телекомуникациски пазар и доставила писмо со намери. Премиертот Христијан Мицскоски подоцна изјави дека за избор на трет мобилен оператор ќе има јавен повик, но не прецизираше кога ќе се објави.

Министерот за транспорт и врски Александар Николоски неколкупати во своите изјави кажа дека Владата ќе воведе трет мобилен оператор за да се укине монополот што сега го имаат „Телеком“ и „А1 Македонија“. Тој на 1 август објави дека во рамките на официјалната посетна на Унгарија се сретнал со претедателот на „4иГ“ Групацијата Гелерт Jaсаи.

Деловниот опсег на „Оне Македонија Телекомуникејшн“ опфаќа мобилни, фиксни и сателитски телекомуникациски услуги, трговија на големо и мало со телекомуникациски и ИТ производи, како и деловни консултантски услуги.

Пронајдете не на следниве мрежи: