Според регистарот на лиценци на Лекарската комора, Македонија годинава изгубила 509 лекари споредено со лани, беше откриено во неделното интервју на „Радио Слободна Европа“. Во него министерот за здравство Азир Алиу рече дека е направена Национална стратегија за тоа какви кадри се потребни, но и се работело на тоа да се дисперзираат медицинските услуги за пациентите во внатрешноста, а не како што е сега – дури 70 проценти од услугите пациентите да ги добиваат во Клинички центар „Мајка Тереза“.
-За жал нормално стана секој пациент да заврши на крај во Клинички центар „Мајка Тереза“ и 70 проценти од пациентите ја црпат здравствената услуга таму, а би требало да ја добиваат на примарно и на секундарно ниво. Правиме дисперзија и цениме дека така ќе се намали бројот на пациенти во Клинички центар „Мајка Тереза“ и времето на чекање, рече Алиу.
Тој најави дека 205 милиони евра од Програмата на Обединетото Кралство ќе се искористат за градење и реконструкција на објекти во Штип, Тетово и Кичево. Во Кичево ќе се гради нова болница, зашто таа што се гради над 30 години не ги исполнувала стандардите.
ADVERTISING
Алиу рече дека ќе остане министер за здравство додека премиерот не одлучи поинаку.
-После анализата на профилите и процесите, премиерот ќе треба да одлучи за реконструкција. Јас како министер си терам со работата, истакна тој.



