Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика, Каја Калас, денеска изјави дека стабилноста и безбедноста на Западен Балкан се суштински и дека процесот на проширување на ЕУ е многу важен и мора да напредува.
На прес-конференција во Луксембург, по средбата на министрите за надворешни работи на ЕУ, Калас кажа по нешто за сите држави од Западен Балкан, но Македонија не ја ни спомена.
„Албанија и Црна Гора прават добри чекори и реформи и се надеваме дека таму ќе имаме успешни приказни. Босна и Херцеговина е во уставна криза. Јасно е дека секој обид за распарчување на Босна и Херцеговина е неприфатлив. Политичките лидери мора да ги премостат разликите, а не да ги продлабочуваат… Во врска со Србија и Косово, нормализацијата на односите е од најголемо значење, затоа мора да продолжи дијалогот Белград-Приштина“, рече Калас.
Таа, алудирајќи на Србија, рече дека земјите-кандидатки за членство во ЕУ не би требало да одат на прославата на 9 мај во Москва, затоа што Русија започна војна во Европа.
Калас најави дека во мај ќе ги посети Белград и Приштина, наведувајќи дека дијалогот за нормализација на односите мора да продолжи.
„Назначивме нов претставник за дијалогот и тој процес треба да продолжи“, нагласи Калас.
Таа рече дека во неделата и денеска имало добра дебата за Западен Балкан, а ако се погледне картата на регионот, јасно е дека тој географски припаѓа на Европа и треба да биде дел од ЕУ.
„Најдобар начин за намалување на тензиите во регионот е сите да бидат во ЕУ, бидејќи Унијата е мировен проект и носи смирување на тензиите меѓу земјите“, рече таа.
„Затоа е важен процесот на европска интеграција и ни треба напредок. Албанија и Црна Гора прават добри чекори, спроведуваат реформи и од таму ќе имаме неколку успешни приказни“, рече Калас.