Македонија ќе се снабдува со природен гас од САД

Во рамките на официјалната посета на висока владина делегација на Северна Македонија на Соединетите Американски Држави, министерката за енергетика, рудници и минерални ресурси Сања Божиновска потпиша Меморандум за разбирање со Соединетите Американски Држави за подобрување на безбедноста во снабдувањето со природен гас.

Потпишувањето се одржа во Вашингтон, како дел од стратешкиот дијалог со Соединетите Американски Држави, клучна платформа за продлабочување на стратешкото партнерство меѓу двете земји. Дијалогот ги опфаќа најважните области за развој – енергетика, економија, безбедност и технологија.

Божиновска го потпиша меморандумот со заменик-државниот секретар на САД, Кристофер Ландау. Заеднички став е дека постои јасен потенцијал за интензивирање на соработката, со фокус на проекти што ќе донесат конкретни резултати и ќе придонесат за економскиот развој и енергетската безбедност на двете земји.

Меморандумот ја потврдува заедничката посветеност кон: диверзификација на изворите и патиштата за снабдување со природен гас, зголемување на одржливоста на енергетскиот систем, обезбедување стабилен, безбеден и достапен гас за земјата, зајакнување на регионалната поврзаност и интеграција на пазарот.

Документот, исто така, предвидува конкретни чекори за развој на инфраструктурата, подобрување на транспарентноста на пазарите на гас, што отвора можност за користење на јавни и приватни финансиски инструменти, вклучително и поддршка од меѓународни финансиски институции и агенции за извозни кредити. Фокусот на разговорите е јасен – енергетска безбедност, економска соработка и конкретни проекти што носат стабилност, инвестиции и развој.

Со овој договор, Северна Македонија ја зајакнува својата позиција во регионалните енергетски текови, со јасна ориентација кон поврзување со европските пазари, што директно придонесува за економска стабилност и долгорочен развој.
The post Македонија ќе се снабдува со природен гас од САД appeared first on Во Центар.

Пронајдете не на следниве мрежи: