Македонската актерка Бедија Беговска се приклучи на актерскиот тим во ТВ серијата „Балканска приказна“

Македонската актерка Бедија Беговска, доајен на Турскиот театар во Скопје се приклучи на актерскиот тим во ТВ серијата „Балканска приказна“ која се снима во Скопје и привлече големо внимание во Турција и во Македонија. Бедија Беговска ја игра улогата на Нина, сестра на Елена (Сузан Акбелге) и 35 годишната тајна љубов на Ќофтеџи Сулејман (Ердал Озјаџилар).

Беговска за турската публика е позната по улогите во „Лимонада“, „Вишновата градина“, „Познатата Фиренца“, „Мутлу ол јетер”, „Горчлива Цреша”, како и многу успешни улоги по кои е препознатлива кај македонската јавност, односно во Македонски народни приказни, Наше Маало, Збогум Румелија, Трето полувреме, Преспав. За нејзините успеси говори и наградата за животно дело на театарскиот фестивал „Војдан Чернодрински“.

Во изминатите епизоди на ТВ серијата „Балканска приказна“ гледачите беа сведоци на драматичната приказна меѓу Ќофтеџи Сулејман и Нина, полна со тајни. Сулејман се обидува да дојде до Нина, со која имал голема љубов пред многу години. Во 15-тата епизода, која ќе се емитува вечерва на ТРТ 1 ќе ја гледаме немилосрдната борба на Сулејман повторно да се сретне и соедини со неговата голема љубов, која ја загубил пред 35 години. Враќањето на Нина ќе предизвика голема возбуда и во турското и во македонското семејство и ќе се откријат мистериозни тајни од минатото до денес. ТВ серијата „Балканска приказна“ е во продукција на Јалчин Ари и Угур Узунок, а во режија на Селахатин Санџакли и Еврим Јонеј. Сценаристи на ТВ серијата се Угур Узунок, Абдулхамид Ишик, Есма Коч, Идрис Мејди, Алев Узма и Озан Ајаз, а линиски продуцент е Богдан Јончевски и локален партнер Сити Стар Продукција.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.