Македонското радио – осумдесет години ја афирмира државноста на Македонија

Осумдесетте години на Македонското радио, одржаниот континуитет на македонскиот збор во етерот, по првото јавување со „Зборуе Радио Скопје“, некако го затвораат кругот на одбележување на 80-годишнината од воспоставувањето на државноста на Македонија, во 1944 година. На 28 декември 1944 година, два месеца по излегувањето на „Нова Македонија“, првиот весник на македонски јазик, со прозвучувањето на Радио Скопје (денешното Македонско радио), македонската држава започна медиумски да го афирмира своето постоење како државно-политички субјект.

Од самиот почеток Македонското радио стана првиот гласник на информациите, прв ги објави и резултатите од референдумот за независна Македонија. Истиот интензитет и жештина продолжија и во следните години. За тоа доказ се и голем број признанија, дипломи, плакети.

Денес гласот во етерот се слуша на девет јазици. Но освен на оваа територија, фреквенцијата зрачи и во соседите земји, каде има македонско малцинство. За 24-часовната програма работат повеќе од 30 репортери и дописници низ цела Македонија, пренесуваат информации за сите генерации, негувајќи го литературниот јазик.

Во конкурентноста на етерот, Македонското радио нуди богата содржина, креативност на новинарите кои ја продолжуваат приказната за возбудата од минатото. На четирите канали се креира различна програма : образовни, музички, забавни и информативни емисии.
Магијата, зборовите да се претворат во слика е најтешката задача на новинарите зад микрофонот. А во модерното време, може да се слуша и преку интернет.
Да се биде меѓу првите, високо на пиедесталот, е титула која носи тежина. Професионалноста на фреквенциите на Македонското радио – Радио Скопје одѕвонува секој час.
На националната програма, мултиетничноста е силата. Покрај македонскиот, 80 години се слушаат и турскиот и албанскиот јазик. Повеќе од 33 години, секоја вечер се пренесува програма на ромски и влашки. А најмлади, 20 години во етерот се српската и бошњачката програма.
Историјата која се наоѓа на рафтовите ги чува одлуките и промените, изјавите на некогашни политичари, професори, експерти преточени преку репортерките извештаи. Музика направена од врвни музички имиња кои ги потпевнуваме и денес. Сите заедно учествувале во развојот на државата.
Денеска е денот на МРТ – 80 години Македонско радио, радио Скопје и 60 години Македонска телевизија!

Пронајдете не на следниве мрежи: