Барањето на централниот совет на Македонците во Германија со седиште во Берлин било испратено до македонските власти, но и до германскиот канцелар Олаф Шолц, како и до претседателката на Европската комисија, Урсула фон Дер Лајен
Македонското здружение „Централен совет на Македонците во Германија“ со седиште во главниот град Берлин најави тужба против Македонија, доколку до 23 февруари властите не ја преиначат одлуката за важноста на пасошите со старото уставно име и доколку не се обезбеди побрзо издавање на нови пасоши, пишува Телма.
Од здружението велат дека со прогласувањето на важечките пасоши за неважечки, без притоа да се обезбедат доволно капацитети за издавање на нови пасоши, се создале огромни проблеми со кои се прекршуваат човековите права на македонските граѓани.
„Ова е единствениот начин веднаш да ги вратиме основните права на нашите граѓани. Доколку до 23 февруари, правата на граѓаните не се вратат и не се повлече одлуката за поништување на важечките пасоши, го задржуваме правото да преземеме правни дејствија за спроведување на правата на нашите граѓани на суд“,
велат оттаму.
Здружението своето барање го испратило до македонските власти, но и до германскиот канцелар Олаф Шолц, како и до претседателката на Европската комисија, Урсула фон Дер Лајен, со очекување и тие да преземат итни чекори за заштита на човековите права.
„Многу од овие луѓе веќе не можат да работат надгранично, да патуваат во други земји на деловен план, или да се вратат во Германија од Македонија“,
се нотира во соопштението на здружението.
Инаку, претходно денеска, министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој деновиве учествува на Минхенската безбедносна конференција, од Минхен отпатувал за Бон. Таму го посетил македонскиот Генерален конзулат каде што македонските државјани може да аплицираат и да се фотографираат за нови патни исправи.
„Од Минхен дојдов во Бон, како прв министер за надворешни работи што некогаш ја посетил најпрометната конзуларна единица на нашата држава. Тука донесов и дополнителна станица за фотографирање и издавање пасоши, и сега се обидуваме да им помогнеме на граѓаните со два пункта, во две смени и за време на викендот“,
пишува Османи во објавата на Фејсбук.
Османи изрази надеж дека ваквата реорганизација ќе го забрза издавањето на патните исправи со новото уставно име и ги пофали дипломатите кои работат во конзулатот во Бон.
Отворањето на дополнителната станица за издавање пасоши и патни листови Османи ја најави неодамна на прес-конференција, на која извести дека во македонските дипломатско-конзуларни претставништва има голем наплив за издавање патни листови со кои граѓаните може да се вратат во земјава за тука да извадат пасош.
Тогаш најави и дека освен отворањето две мобилни станици – една во Германија и една во Италија – македонските ДКП ќе се доекипираат со дипломати и ќе се воведе двосменска и работа за викендите со цел побрзо и поефикасно издавање патни листови и нови пасоши за македонските државјани.