Активност на НОФ во периодот 1945 – 1946 година
“Од писмени и усмени излагања на Окружниот одбор на Леринско, таму положбата во последно време е многу тешка поради големиот терор кој се врши по зголемувањето на непријателската војска и џандармеријата и воспоставувањето речиси во сите села станици, што ги храбри и најстрашливите шпиони, чиј број доста се зголеми”. Во истиот извештај на крајот се вели: “Овој момент дојде Лефтер, кој ни ги даде следните податоци: број на бурантарите во Леринско изнесува 2000 и повеќе црнци, општо околу 6000. Вооружување: митролези, минофрлачи, артилерија, тенкови – заседнати се од Даулот до Кајмакчалан, каде што се закрепуваат и ги прават патиштата.
Невозможно е минувањето и затоа нема да го пратиме Ивана и Живко, но ни јас нема да одам. Ќе го чекам овде Тане, кој осум дена е одвоен и се очекува да дојде идниот ден. Имаат забрането секакво движење на Македонците. Овците ги симнаа од планините и не дозволуваат никому да се движи по планината, а истовремено ги горат и шумите. Ноќта ги запечатуваат куќите на Македонците за да не излегуваат. Оној што успева да изваде дозвола да оди на нива, му го мерат лебот.
Групите имаат стигнато до положба да напаѓаат за да се снабдат со леб.
Јас испратив курир и им јавив да не напаѓаат по никаков начин.
Значи оценката во извештајот на “Сандански” од јули за намерата на грчката влада, се обистинува. но, исто така од цитираниот извештај на Џоџо гледаме дека на партизанските групи им беше забрането да напаѓаат, па дури и по цена да останат гладни. Во еден свој извештај од 22 август 1945 година на Тане Наумовски до Главното раководство го пишува следното за ситуацијата на теренот: “Во Кајларско, цели семејства – мажи и жени Македонци секојдневно ги одвлекуваат за Тесалија, а од таму не знаеме каде ги носат. Во Соровичка околија е забрането слободното движење на луѓето. Во планините е тешко да остане човек, а во Леринското Поле исто така. Ве молиме да донесете решение што ќе биде до 1. септември 1945 година. Затоа што не можеме да останеме тука. Населението почна да се плаши од големите сили и од шпионите – шпионите зедоа голем кураж.
…Секој ден ни поставуваат заседи, затоа што шпионите се организирани. Ние по нив не пукаме, затоа што немаше право, а тие тоа го знаат и почнаа дури по планините да не гонат. Кога пукаме по нив, тие бегаат”. Низ сите извештај од теренот во овој период блика едно исто: “Оружје и знак за јакнење на вооружената борба”. Тоа беше резултат на објективната ситуација. Но недостигаше усогласување на ставовите на КПГ и НОФ. Но независно од тоа, вооружените судрувања на македонските партизански групи со оружените сили на атинскиот режим датираат непосредно по нивното доаѓање во Егејска Македонија по спогодбата во Варкиза, уште од пролетта и летото 1945 година. Таквите судрувања ги одбележуваа и режимските весници во Грција. Така, на пример, во солунскиот весник “Македонија” од 18 јули 1945 година читаме: “Бугарска банда со митралез нападна на сојузнички автомобил. Ранети се четири лица”.
Лерин, – вооружена банда Бугари од заседа, на патот Лерин – Солун до селото Горничево, со митролез пукаа на сојузнички автомобил, при што беше убиен еден Англичанец, а тројца беа ранети. Исто така ранета е и Марјанти Сиому, која со истиот автомобил патуваше за Солун. Сите бандити беа Бугари, вооружени со автоматски пушки и носеа руска sвезда”.
Понатаму во написот се донесува изјавата на управителот на Лерин, кој за нападот ги обвинува “лошите соседи”. Во солунскиот весник “То фос” од 21 јули 1945 година читаме: “Во Западна Македонија почна систематски напад на бугарокомунистички банди против џандармериски станици. Така во селото Кономалти – Руписко, банда од повеќе групи го опколи селото и со минофрлачи ја бомбардира џандармериската станица. Истовремено побараа да го напушти селото. На џандармеријата и’ појде од рака да ги одбие бандитите.
Друга банда ја нападна станицата во Загоричани Костурско. Џандармеријата ги изгони бандитите кои се повлекоа во блиските планини”. Такви написи можеа да се сретнат во сите грчки режимски весници, кои намерно ја изопачуваа вистината. Вооружените групи од месното македонско население кои се кренаа со оружје во рака да ја бранат честа и достоинството на својот народ од варварските напади на грчките монархофашисти ги нарекуваа “Бугари”, за да ја обманат и заблудат грчката и не само грчката јавност. Меѓутоа, како што е напред изнесено, теророт над македонското население не ја остави не засегната и најзафрлената селска колиба, каде што грчките монархофашисти можеа и ја прошируваа својата власт. Отпорот дојде како резултат токму на тој терор и на стремежот на македонскиот народ да осигура услови за снослив човечки живот. Од досега изнесеното може да се извлече заклучок дека вооружената борба како претходник на вооружената борба на Демократската армија, ја поведоа македонските партизански групи на НОФ, како резултат на една објективна потреба – “особен вид на политичка борба”. Ова треба да се истакне поради две причини: прво, за демократската јавност дека на македонскиот народ вооружената борба му беше наметната во одбрана на своите легитимни права на слобода и човечки живот. Второ, за историската вистина, дека вооружениот отпор не почна во Литохоро 1946 година, како што тоа сака да го прикаже раководството на КПГ.