Македонците најголеми купувачи на „Тему“ од Балканот, дневно се испорачуваат и по 10.000 пратки

Затрупана со пратки е единствената приватна пошта кај нас, која врши достава на нарачките од азискиот гигант „Тему“. „Еко логистик сервис“ (ЕЛС) од 16 декември, кога е отворен пазарот за нашата држава, дневно испорачува до 10.000 пратки од „Тему“.

„На дневна основа испорачуваме од 8.000 до 10.000 пратки од ‘Тему’ до македонските граѓани. Изгубени пратки нема, има единствено недоставени, кои се чуваат 8 дена од приемот, во согласност со законскиот рок од Законот за поштенските услуги. Повеќето од недоставените пратки се со нецелосни адреси или контакт-телефони, кои граѓаните ги оставаат на платформата ‘Тему’ при креирањето на нарачката, што го отежнува процесот на работа“, велат од ЕЛС за „Макфакс“.

Како што велат од таму, Македонците, по Србите, се најголеми купувачи на оваа платформа од целиот Балкан. По Македонија, следува Албанија, а ЕЛС е посредник и за албанскиот пазар со свои партнери. Соработката со другите држави посочуваат дека веќе е во тек.

„Кинеските платформи имаат исклучително строги правила, бараат ажурност и добар систем за работа. Проектот не можеше да се отвори за Македонија додека тие не беа сигурни во безбедноста на системот. ЕЛС е единствениот што го адаптира системот на работа во согласност со бараните стандарди и обезбеди соодветни ресурси за испорака“, посочуваат од компанијата.

Од ЕЛС апелираат граѓаните да бидат трпеливи да им пристигне СМС-порака или електронска пошта дека пратката е пристигната во државата. Потоа тие треба да добијат друга СМС-порака/електронска пошта дека во следниот период може да го очекуваат она што го нарачале. Непосредно пред да им биде доставена пратката, примателот, велат тие, ќе добие повик од доставувачот.

„Во моментот кога се предава пратката, лицето што извршило нарачка ќе добие безбедносен код на својот телефон, кој треба да му го издиктира на доставувачот. Овој код го има само примателот и е воведен за да се избегнат какви било манипулации. Со ова процесот на испорака успешно се заокружува. Воедно, се замолуваат сите што очекуваат пратка од ‘Тему’ да не одат во хабовите, туку да почекаат да им стигне СМС-порака или електронска пошта и да им се достави пратката на домашна адреса. Пратките може да се следат на www.els.mk“, додаваат од ЕЛС.

Организација на потрошувачите на Македонија предупреди за нарачките дека граѓаните треба да бидат многу внимателни при пазарењето оти нарачуваат на сопствен ризик.

Пронајдете не на следниве мрежи: