Македонците се солидаризираат со Србите: Утре протест за поддршка на српските студенти и граѓани

Здружението за едукативен развој „Еквалис“ за утре, понеделник 30 декември, од 12 часот иницира протест за солидарност со граѓан(к)ите на Србија, кој ќе се одржи пред Амбасадата на Србија во Скопје.

„Еквалис’ го организира овој протест за да испрати силна порака на поддршка и поттик за истрајност кон храбриот српски народ кој со длабока посветеност сака одлучно да го симне авторитарниот режим и да побара политичка одговорност за случајот со срушувањето на настрешницата во Нови Сад во којшто беа убиени 15 луѓе, меѓу кои и еден македонски граѓанин. Ги покануваме граѓан(к)ите, студент(к)ите, младите, но и воопшто сите коишто сметаат дека, иако крајот на оваа година се ближи, не смееме да ги заборавиме оние коишто и покрај тоа продолжуваат да живеат во заробена држава“, стои во повикот за протестот објавен на социјалните мрежи.

Од „Еквалис“ посочуваат дека на овој протест солидарно ќе им дадат поддршка на студент(к)ите во Србија кои ги окупираат факултетите и пробуваат, како што велат, да ја ослободат својата држава на најавтентичниот начин на којшто младите може да го направат тоа.

„Како држава којашто во своето демократско растење се има ослободено од авторитарноста преку Студентските пленуми, окупациите на факултетите и прогласувањето на факултетски автономни зони, нам, овој чекор не ни е непознат и нов и знаеме колку посветеност, храброст и истрајност се потребни да се застане на ваков начин во одбрана на својата држава. Во таа чест ќе го прочитаме говорот и обраќањето на студентот Бошко Ристиќ од Нови Сад. Говорот ќе биде прочитан од страна не неколку студент(к)и од Скопје“, се вели во повикот за протестот.

„Еквалис“ посочува дека со овој протест се приклучуваат кон барањата на студент(к)ите од Нови Сад, односно за објавување на комплетната документација поврзана со реконструкцијата на Железничката станица во Нови Сад.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.