Од противпожарната служба утрово соопштија дека пожарот кој ја зафати катедралата Норт Дам во Париз е изгаснат.
Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека најлошото е спречено и дека се спасени фасадата и двете главни кули на Богородичната црква. Министерството за внатрешни работи на Франција оцени дека сѐ уште постои опасност од уривање на црквата и дека експерти и архитекти денес ќе разговараат околу стабилноста на објектот и ќе се донесе одлука дали пожарникарите смеат да ја продолжат својата работа во внатрешноста на катедралата. Оттаму велат дека оргулата и дел од сликите се оштетени.
Обвинителството отвори истрага, но полицијата вели дека пожарот започнал случајно и дека најверојатно е поврзан со градежните работи на катедралата. Маестралното готско дело старо 850 години беше во фаза на реставрација поради претходни случаи на пожар и ерозија.
Претседателот Макрон вети дека катедралата ќе биде обновена.
– Она што се случи вечерва во Париз, во катедралата, е ужасен настан, рече тој, најавувајќи дека ќе започне интернационална кампања за собирање на средства за поправки и дека ќе ги донесе најдобрите архитекти во светот за целосно да ја реконструираат зградата.
– Нотр Дам е нашата историја, нашата литература, дел од нашата психологија, местото на сите наши големи настани, нашите епидемии, нашите војни, или слободи, епицентарот на нашите животи… Затоа вечерва ветувам дека ќе ја обновиме заедно, рече Макрон.