Француската крајнодесничарска лидерка Марин Ле Пен, која го порази Макрон на евроизборите, ја поздрави одлуката на францускиот претседател, велејќи дека нејзината партија е подготвена да ја преземе власта доколку Французите ѝ ја дадат довербата
Францускиот претседател Емануел Макрон го распушти парламентот и распиша предвремени парламентарни ибори во земјата откако неговата партија претрпе тежок пораз на изборите за Eвропскиот парламент.
Првиот круг на изборите за Националното собрание на Франција ќе се одржи на 30 јуни, а вториот на 7 јули.
Во вечерашното обраќање до нацијата, Макрон порача дека по прелиминарните резултати од изборите за Европскиот парламент, не може да се преправа дека ништо не се случило.
„Одлуката е сериозна и тешка, но пред сè е чин на доверба. На Франција ѝ треба јасно мнозинство за да дејствува мирно и хармонично“,
рече Макрон во обраќањето до нацијата од Елисејската палата.
Францускиот претседател рече дека главната лекција на евроизборите е научена, односно, како што вели, дека партиите што ја бранат Европа не постигнале добри резултати.
„Ја слушнав вашата порака и ќе одговорам на неа. Да се биде Французин значи да се избере да се пишува историја наместо само да се учествува во неа“,
рече Макрон.
Француската крајнодесничарска лидерка Марин Ле Пен ја поздрави одлуката на Макрон, велејќи дека нејзината партија е подготвена да ја преземе власта доколку Французите ѝ ја дадат довербата на изборите.
Првичните резултати од гласањето на евроизборите во Франција покажуваат дека екстремно десничарската партија на Марин Ле Пен освоила околу 32 отсто од гласовите, а политичкиот блок на Макрон околу 15 отсто.