Малку доцна… Сиљановска ќе бара објаснување од Радев за знамето: Ваков чин не беше предвиден

Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска Давкова ќе побара објаснување за фотографијата пред бугарското знаме направена во Кабинетот на претседателот на Бугарија Румен Радев иако, како што нагласуваат оттаму, ваков потег и чин не беше предвиден, ниту договорен.

„Она што фрли сенка на настанот е отстапувањето од договорениот протокол за средбата, според кој, не требаше да има фотографии во рамките на затворениот простор. Но, за жал, пред почетокот на тет-а-тет средбата, претседателот Радев ја покани претседателката да направат заедничка фотографија пред бугарското знаме, иако ваков потег и чин не беше предвиден, ниту договорен. Сакаме да веруваме дека се работи за протоколарен превид, а не за намерна постапка и отстапка од договореното и веќе утре ќе побараме објаснување од бугарска страна“, велат од Кабинетот на претседателката Сиљановска Давкова.

Фотографијата на која Сиљановска Давкова и Радев се ракуваат пред бугарското знаме во неговиот Кабинет предизвика реакции во земјата.

Претседателот на опозициската СДСМ, Венко Филипче, овој настан го опиша како „невидено погазување и понижување на достоинството на македонската држава и нејзините граѓани“.

„Првпат во историјата на нашата држава, македонски претседател оствари средба со претседател на друга држава без никакви државни обележја. Да биде скандалот уште поголем, на средбата присуствуваше и министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, кој беше само нем сведок на недоличниот и понижувачки чин. Очигледно е дека ниту еден претставник на македонската делегација не реагирал на ова деградирачко однесување“, вели Филипче.

Пронајдете не на следниве мрежи: