Во рамките на акцијата, претрес бил извршен и во викенд-куќа во близина на прилепскиот затвор, која е во сопственост 77-годишен жител на градот, а ја користел 47-годишниот И.К. кој издржувал казна во затворот. Во неа, исто така, биле пронајдени марихуана и дигитална вага
При претрес во затворот во Прилеп, полициски екипи кај двајца осуденици кои издржуваат казни во оваа казнено-попрвана установа пронашле дрога, дигитални ваги и пари, соопшти денеска Министерството за внатрешни работи.
Претресот со судска наредба бил извршен вчера, а го спровеле полициски службеници од отсекот за недозволена трговија со дрога и оружје при Одделението за внатрешни работи Прилеп во координација со колеги од Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал при Бирото за јавна безбедност (БЈБ).
„При претрес во просторијата во затворот, каде што казна затвор издржуваат Д.Д. (41) од с. Ливада, Струшко и Н.Н. (34) од Прилеп, во шкафот на Н.Н. биле пронајдени една кеса и повеќе помали пакувања со марихуана, две дигитални ваги, пари во различни апоени и валути и други предмети за кои постои сомнение дека потекнуваат од кривично дело“,
се наведува во соопштението на МВР.
Во рамките на акцијата, претрес бил извршен и во викенд-куќа во близина на прилепскиот затвор, која е во сопственост 77-годишен прилепчанец, а ја користел 47-годишниот И.К. кој, исто така, издржувал казна во затворот.
Во неа, според полицијата, биле пронајдени и одземени две кеси со марихуана и дигитална вага, а во врска со случајот бил приведен и сопственикот на викендичката.
За претресите известен бил јавен обвинител и по целосно расчистување и документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава, додаваат од Министерството за внатрешни работи.