Хелсиншкиот комитет за човекови права денес го организира десеттиот Марш на толеранција, кој ќе почне во 12 часот пред Музеј на Град Скопје.
„Политичко-општествените случувања во изминативе децении создадоа контекст во кој премногу често се прибегнува кон употреба на разни форми на насилство, контекст во кој омразата континуирано ја разорува кревката општествена кохезија во нашата земја. Денот на толеранцијата во 2018 година е токму посветен за борбата насилството од омраза што во нашата земја станува секојдневие. Затоа упатуваме јасна порака до сите институции во Република Македонија серозно да се посветат на унапредување на механизмите на санкционирање на насилството од омраза кое е сè поприсутно во нашето општество“ соопшти Хелсиншкиот комитет.
Делата од омраза немаат ефект на изолирани случаи, напротив, тие често имаат потенцијал да иницираат нови инциденти, да отворат поширока спирала на насилство, па и да кулминираат до точка на несогледливи последици. Тие придонесуваат за градење на атмосфера во која насилничкото однесување е вообичаено, прифатливо па иодобрувано, наведуваат оттаму.
„Особено загрижува влијанието врз светогледот на помладите луѓе затоа што овозможува пренесување на штетните шаблони на однесување од генерација на генерација. Борбата против насилството од омраза мора да започне со градење на позитивна средина во која сите се чуствуваат како дел од општеството со потенцијал за промена. Исто така загрижува и постојаната неказнивост на говорот и делата од омраза која мора да запре. Особено говорот на омраза е присутен на социјалните мрежи без можност тој да биде санкциониран и отстранет“ се наведува во соопштението.
Санкционирањето на овие дела е првиот и суштински исчекор за превенција на идни случаи, но, образовниот систем и медиумите се исто така клучна алка во процесот на градење на вистински ненасилна култура и похумано општество, тврдат од Хелсиншки.
Поради тоа, на јубилејниот десетти марш ќе се упати апел до сите релевантни општествени чинители за креирање широк фронт за борба против овие појави кои што го загрозуваат животот и основните права на човекот. Нивната порака е дека вистински промени се можни само со респонзивни институции и свесни и одговорни граѓани кои го препознаваат и реагираат против насилството насекаде -во домовите, училиштата, стадионите, на улиците и во виртуелниот простор.
Маршот е поддржан од организациите: ЛГБТИ Центар за поддршка, Цивил- Центар за слобода, Национален Ромски Центар, ХЕРА- Асоцијација за здравствена едукација и истражување, Реактор – Истражување во акција, КВИР СКВЕР Скопје, Коалиција Маргини, Национална мрежа против насилство врз жени и семејно насилство – Глас против насилство и МОФ- Младински образовен форум.
Рута: Музеј на град Скопје – Улица Македонија – плато пред Универзитетот на ЈИЕ во старата скопска чаршија
Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.