Без образложение, Министерството за внатрешни работи во Службен весник број 71 од 2025 година реши да ги покачи цените на обрасците што ги издава за постојан престој на странец и за привремен престој на странец.
Според објавеното во „Службен весник“, образецот за постојан престој кој досега чинеше 190 денари – од 10 април чини 6.150 денари. Образецот за странец кој бара привремен престој во Македонија наместо досегашните 190 денари чини 4 илјади денари.
Постојан престој е престој кој му се одобрува на странец кој најмалку пет години пред поднесувањето на барањето за одобрување постојан престој непрекинато престојувал на територијата Македонија врз основа на одобрен привремен престој. Условот за пет години непрекинат престој во Република Македонија се смета дека е исполнет ако странецот во периодот од пет години пред поднесување на барањето за постојан престој не престојувал надвор од Република Македонија шест последователни месеци или во временски период што во вкупно траење не надминува десет месеци.
Привремен престој е дозвола за престој која му се издава на странец кој има намера да престојува во државата подолго од 90 дена, врз основа на следните основи: работа (вработување, сезонско вработување и упатување на работник), школување или студирање, учество во програми на меѓународна размена на ученици или студенти, специјализација, стручно усовршување или практично оспособување, волонтирање, научно-истражувачка дејност, лекување, сместување или згрижување во установи за стари лица, семејно обединување или хуманитарни причини, како и на странец кој е член на потесното семејство на државјанин на Македонија, странец кој по потекло е од Македонија, дете на странец родено во кој поседува недвижен имот во С.Македонија, во износ од најмалку 40.000 евра, како и на странец – жртва на трговија со луѓе.