Заменик-шефот на рускиот Совет за безбедност, Дмитриј Медведев, уредниците на британскиот весник Тајмс ги опиша како „легитимни воени цели“. Испадот дојде откако весникот го нарече убиството на истакнатиот руски генерал Игор Кирилов „легитимен чин на самоодбрана“ од Украина, која ја презеде одговорноста за убиството.
Кирилов, шефот на руските Сили за нуклеарна, биолошка и хемиска одбрана, загина заедно со својот помошник во експлозија во станбена област во Москва во вторникот наутро. Кирилов е највисокиот руски воен функционер кој е убиен далеку од фронтот од почетокот на офанзивата на Кремљ пред речиси три години.
„Оние кои вршат злосторства против Русија (…) секогаш имаат соучесници. И тие сега се легитимни воени цели. Оваа категорија може да ги вклучи и мизерните чакали од Тајмс, кои кукавички се кријат зад својот едиторијал. Ова значи целото раководство на публикацијата“, напиша Медведев, кој беше претседател на Русија меѓу 2008 и 2012 година. Тој додаде дека новинарите на Тајмс треба „да бидат внимателни“ бидејќи „сешто се случува во Лондон“.
Набргу потоа се огласи и британскиот министер за надворешни работи Дејвид Лами. Тој рече дека оваа „гангстерска закана за новинарите на Тајмс мириса на очај“. „Нашиот весник го претставува најдоброто од британските вредности: слобода, демократија и независно размислување“, напиша Лами, објавувајќи фотографија на која го чита Тајмс.
Медведев во својата вчерашна најава им се закани и на функционерите на НАТО кои ѝ помагаат на Украина.
„Ги има цела легија. Нема доволно простор за нивен список, но сите овие луѓе можат и треба да се сметаат за легитимни воени цели на руската држава. И за сите руски патриоти“, рече тој.