Медиумите на Орбан нагло се проширија и во Македонија

Унгарски државјани поврзани со тамошни про-владини медиуми масовно купуваат медиуми во Македонија. Овие активности се дел од поголем продор кон Балканот од страна на медиумски куќи поврзани со десно-ориентираниот унгарски премиер Виктор Орбан. Основачките документи за компаниите, до кои дојде Проектот за известување за организиран криминал и корупција и партнерите OCCRP покажуваат дека од минатата пролет двајца поранешни директори на Унгарскиот јавен сервис Маџар Телевизија (МТВ) отвориле свои фирми во Македонија кои инвестирале во медиумите во државата.
Компаниите стекнале мнозински удел во акции, со кои што имаат управувачки права врз фирми сопственици на повеќе локални подружници на медиумите. Се уште е нејасно која е крајната цел за преземање на овие медиуми кои ја поддржуваат поранешната владејачка партија ВМРО-ДПМНЕ. Исто така, овие медиуми се познати и по тоа што многу често шират пропаганда и невистинити приказни со кои ги напаѓаат политичките противници, како и невладини организации и граѓански активисти. Според Агнес Урбан, истражувач од организацијата Мертек Медиа Монитор, купопродажбата претставува обид на владата на Орбан да го прошири своето регионално влијание со тоа што ќе даде поддршка на конзервативни сојузници.
Урбан вели дека „стилот на Орбан во јавноста е изграден на континуиран конфликт со западните демократии и владина комуникација во стилот на Руската пропаганда. „Ефикасноста од овој вид на политика зависи од меѓународната поддршка, а на Орбан му требаат сојузници во регионот.“
Ова не се први чекори на про-Орбан медиуми на Балканот. Минатиот март, три унгарски медиумски компании – од кои една е вмешана во купопродажбата на медиуми во Македонија, купила 45 проценти од NOVA24TV.si – словенечки информативен сервис кој е познат како гласник на конзервативната Словенечка Демократска Партија. Од тогаш, унгарските компании во оваа телевизија ги зголемиле своите удели до 88 проценти.
Оваа зделка исто така отвора дилеми, дека луѓе блиски и лојални на Орбан се обидуваат да го реплицираат во Словенија, моделот што го имаат усовршено дома, во кој владата на Фидес е поддржана од државни медиуми и голем број медиумски куќи кои се во сопственост на бизнисмени кои му се сојузници и ги таргетираат непријателите на владата. Со слични напори во Романија, унгарската влада пренасочила пари кон медиумите целејќи кон унгарското малцинство на земјата од кое голем дел има двојно државјанство. Зделката во Македонија го прошири овој пристап поставувајќи им основа на про-Орбан медиумите во држава која воопшто не е близу до границите на Унгарија.
МТВ Генерацијата
Преземањето на медиумите во Македонија се одвиваше преку двајца унгарски директори на медиуми, Петар Шац и Агнес Адамик. Двајцата изградија различни бизнис структури во државата, а постојат докази дека зделката била направена со заеднички труд. Според раководител во Управата за безбедност и контраразузнавање, Шац и Адамик во неколку наврати патувале заедно до Скопје. Исто така според документите на компаниите, користеле исто адвокатско друштво за да ги отворат компаниите.
Шац кој е поранешен директор на секторот за бизнис развој во унгарскиот јавен сервис МТВ исто така е косопственик и директор на веб сајтот Рипост кој ги поддржува политиките на Фидес. Овој сајт исто така е еден од трите компании кои учествуваа во купувањето на словенечката НОВА24 ТВ. Минатата година, Рипост откупи мнозински дел од издавачка куќа сопственик на два медиуми блиски до Словенската Демократска Партија, политичкиот магазин Демокрација и таблоидот Шкандал24. Унгарското издание на Рипост кое во голема мера е финансирано од владини реклами е специјализирано за застрашувачки напади на противниците на владата, како на пример, обвинувања кон членовите на опозицијата за хомосексуалност. Документите од Македонија покажуваат дека Шац во април 2017 година ја формирал компанијата Таргет Медиа. Главна дејност на оваа компанија се советодавни услуги. Два месеца подоцна, компанијата се здоби со 90 проценти сопственост на ЦХС Инвест груп (CHS Invest group) која е македонска холдинг компанија сопственик на Алфа ТВ.
Од тогаш веб страницата на АЛФА ТВ е ребрендирана под банерот на Рипост. Кон средината на мај 2017 година беше отворена посебна веб страна на Македонски јазик која само го користи името на Рипост. Како што може да се види на онлајн алатката Веј бек машин (Internet Archive Wayback Machine) на оваа страница стории се објавуваат од почетокот на февруари оваа година. Податоците за сопственост на страницата покажуваат дека регистрацијата е направена од филијалата на Рипост во главниот град на Словенија – Љубљана. Шац не одговори на нашите прашања кои му беа испратени по електронска пошта. Адамик исто како и Шац, доаѓа од јавниот сервис во Унгарија, каде што три децении работела на високи менаџерски позиции. Организацијата ја напуштила во 2012 година.
Документите од Централниот регистар покажуваат дека Адамик во септември 2017 година ја формирала фирмата Адинамик Медиа. Почнувајќи од овој април, фирмата купила мнозинство акции во три македонски компании кои поседуваат седум веб – страни и списанија кои во изминатите години му давале поддршка на Груевски и ВМРО-ДПМНЕ.
Првата зделка на Адинамик, Прва Република е основана во 2012 година од страна на Иресине лтд (Iresine Ltd), мистериозна фирма регистрирана во Белизе – даночниот рај во Централна Америка. Во 2016 година, сопственоста беше префрлена на Доне Доневски, од кого Адинамик откупи 51 процент од компанијата. Втората зделка, ЕМ Медиа, сопственик на сајтовите Курир, Лидер, Денешен, Економски и Вистина. Компанијата претходно беше контролирана од Ацо Мисајловски, брат на актуелниот потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ – Владо Мисајловски. Медиумите на ЕМ Медиа најчесто објавуваат информации и вести во одбрана или поддршка на ВМРО-ДПМНЕ. Исто така, на овие сајтови многу често може да се прочитаат напади кон независните новинари, вклучувајќи ги и партнерите на ОССРП, како на пример дека се на платен список на милионерот Џорџ Сорос.
На 9 мај, Адинамик купи дел од компанијата ЛД Прес Медиа, компанија во чија сопственост е веб порталот НетПресс. Адамик одби да одговори на прашањата кои телефонски и беа поставени од нашиот репортер.
Нелиберален медиокритет
Бизнис потезите кои се прават на Балканот, се обид да се прошири медиа моделот кој беше создаден во Унгарија од страна на Орбан. Овој модел, започна со проект на градење „нелиберална демократија“ во срцето на Европа. Откако во 2010 година Фидес дојде на власт, тие воспоставија контрола над јавниот сервис во Унгарија. Во сториите кои најчесто се објавуваат на јавниот сервис Владата е воспевана и прикажана како најдобра, додека „непријателите“ на владејачката партија, како и мигрантите од Блискиот Исток и Сорос секогаш се критикувани и прогласувани за државен непријател број еден. Исто така во оваа приказна значајно е и купувањето, односно преземањето на приватни медиуми од бизнисмени кои се тесно поврзани со партијата.
Давид Костелничик, , Chargé dʼAffaires  во својот говор во амбасадата на САД во Будимпешта, во октомври 2017 година рече дека „новинарите кои работат во овие медиуми, ни кажуваат дека мора да ги следат уредувачки насоки кои се дадени од новите сопственици, а тие секогаш се провладини“.
Приватните медиуми кои ја поддржуваат Фидес имаат големи бенефиции од масовните реклами на владата. На пример, партнерите на ОССРП, Atlanzo.hu открија дека владата потрошила повеќе од 40 милиони евра на реклами. Овие пари, кои доаѓаат од даночните обврзници на Унгарија биле потрошени за реклами против Сорос.
Европските набљудувачи на изборите кои се одржаа во април, владиното рекламирање во медиумите го посочија како фактор кој допринесува кон задушување на медиумската слобода во државата. Според унгарските набљудувачи Мертек Медиа Монитор, во медиумите во Унгарија кои се про Фидес има тесен круг на луѓе за кои вработените велат дека секојдневно добиваат уреднички насоки од владата и од нејзините советници. Во оваа група влегува и Рипост кој беше вклучен во купувањето на медиумите во Словенија и Македонија.
Според гласините, Арпад Хабони е човекот кој ја надгледува медиумската машинерија на Фидес. Неофицијално, тој е и таен советник на Орбан за кој се вели дека има големо влијание во медиумите под контрола на партијата. Во ова се вклучени и медиумите кои се во сопственост на неговата компанија Модерн Медиа Груп (ММГ). ММГ е една од компаниите кои заедно со Рипост ја купија словенечката NOVA24TV. Хабони беше поврзан со Стив Банон, поранешниот директор на десничарскиот сајт за американска политика Breitbart. Тој порано бил и бизнис партнер со американскиот политички стратег Артур Финкелстеин – познат како пионер на негативната кампања во САД.
Оваа сторија е изработена во соработка со OCCRP и Atlanszo.hu. Во изработка на сторијата учествуваше и Анушка Делиќ. {автори: Аубри Белфорд, Маја Јовановска, Тамас Бодоки}

 

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.