Медицинскиот директор на Токсикологија е разрешен поради несовесно работење, велат од Здравство

Најава за разрешување на Петровски од функцијата имаше уште на 22 април, но од Министерството за здравство велат дека тоа не го направиле пред изборите за да не се поттикне нетрпение по национална основа

Медицинскиот директор на Клиниката за токсикологија Данил Петровски е разрешен поради негово несовесно работење во целиот изминат период.

Ова е образложението од Министерството за здравство објавено на официјалната фејсбук-страница по денешното разрешување на Петровски, кој на оваа функцијата беше поставен на 15 декември минатата година.

Најава за разрешување на Петровски од функцијата имаше уште на 22 април, но од Министерството за здравство велат дека тоа не го направиле пред изборите за да не се поттикне нетрпение по национална основа.

Од Здравство велат дека Петровски имал согласности за да им ги продолжи договорите за работа на 18 лица, но тој тоа не го направил. Во објавата од Министерството информираат и за закани и омаловажувања кои ги трпеле ангажираните.

„Д-р Данил Петровски е разрешен од позицијата медицински директор на Клиниката за токсикологија поради несовесно работење во целиот овој изминат период. Иако имал согласности за продолжување на договорите за работа на 18 лица, тој не постапил. Ангажираните оделе на работа без договор и без плата за нивниот труд. 18 семејства ги остави без плата! Во неговиот мандат, Клиниката беше поплавена и неосигурана, а ангажираните секојдневно трпеа закани и омаловажувања на национална основа“,

се наведува во објавата на Фејсбук.

За неговото официјално разрешување, д-р Петреовски вели дека дознал од вработените на клиниката.

Во изјава дадена за порталот „СДК“, директорот Петровски посочил дека иако е на одмор, синоќа бил дежурен бидејќи, како што вели, распоредот бил направен претходно.

Министерот Демири на 22 април најави дека ќе го разреши медицинскиот директор на Клиниката за токсикологија. Тогаш за економската директорка Бесија Иљази рече дека нема констатирано ниту едно прекршување, иако ја испитувал состојбата три недели.

Во однос на писмото кое беше испратено до медиумите од страна на вработените во Токсикологија, а во кое велат дека со назначување на в.д. организациската директорка Бесија Иљази на Клиниката за токсикологија се случува деорганизација, а не организација во оваа здравствена установа, Демири рече дека лекарите се служат со навреди.

Тогаш од ВМРО-ДПМНЕ изјавија дека разрешувањето на медицинскиот директор на Клиниката за токсикологија е одраз на негативната селекција во здравството од страна на СДСМ и ДУИ, а воедно е и поддршка за самоволието на некомпетентни економски директори.

Претходно, лекарскиот колегиум на оваа Клиника на чело со проф. д-р Нико Беќаровски, раководител на одделот за интензивна нега реагираше дека се соочуваат со, како што изјавија, тотален отпор и несоработка со организациската директорка на Клиниката за токсикологија.

Според Беќаровски, економската директорка инсистирала да бидат вработени 18 лица на кои на крајот на годината им биле истечени договорите, а Клиниката реално немала потреба од толкав број вработувања.

Инаку, по прес-конференцијата на лекарскиот колегиум, прес-конференција одржа и организациската директорка Бесија Иљази, но само на албански јазик. Дел од медиумите ја напуштиле оваа прес-конференција зашто им било соопштено дека нема да има превод.

Пронајдете не на следниве мрежи: