Две медицински сестри од Велика Британија се осудени за нелегално дрогирање на пациенти. Кетрин Хадсон (54) и Шарлот Вилмот (48) се прогласени за виновни за давање лекови на пациентите за кои морале да се грижат, без нивно знаење и согласност бидејќи им било забавно и затоа што им ја олесниле работата, пренесува Скај њуз.
Во пресудата, се вели дека ги злоупотребувале оние за кои се грижеле во одделението за мозочен удар во болницата „Блекпул Викторија“ во Ланкашир помеѓу февруари 2017 и ноември 2018 година. Ним им се судеше по девет точки од обвинението, а Хадсон беше прогласена за невина по три точки од обвинението. Вилмот беше прогласена за виновна, меѓу другото, за охрабрување на Хадсон да заспие пациент.
Полициската истрага беше покрената откако студентка-медицинска сестра ѝ кажала на полицијата дека во ноември 2018 година видела како Хадсон му дава на пациент Зопиклон, пилула за спиење без рецепт, за која се верува дека е опасна по живот доколку се администрира несоодветно.
Обвинителите рекоа дека пораките што биле разменети помеѓу Хадсон, искусна регистрирана медицинска сестра, и Вилмот, асистент лекар, откриле „култура на злоупотреба“.
Хадсон негираше дека злоупотребила четворица пациенти со нелегални седативи и дека го украла лекот Мебеверин, додека Вилмот негираше дека ја охрабрила Хадсон да даде седативи на еден од тие пациенти. И двете се изјаснија за невини за несовесно постапување со друг пациент.