вторник, 17 ноември 2026
Најново

Мелбурн се извини откако го забрани старото македонско знаме на парада, догодина повторно ќе може да се вее

Претпочитан извор Додај го Пулс24 во твоите извори на Google Додај

Градскиот совет на Мелбурн ѝ се извини на македонската заедница во Австралија откако забрани прикажување на старото македонско знаме со Сонцето од Вергина на традиционалната парада „Мумба“ (Moomba Parade).

По реакцијата на Федерацијата на македонските културно-уметнички друштва (ФОМКУД), која повлече 80 играорци од настанот поради забраната, Советот најави дека знамето повторно ќе може да се истакнува на идните изданија на парадата, објави „Еј-би-си њуз“.

ПУЛС24.МК - 14 ГОДИНИ

Забраната беше дел од одлуката на организаторите да не се прикажуваат културни и регионални знамиња за време на парадата.

Како реакција, ФОМКУД се повлече од настанот, оценувајќи дека настап без знамето би значел откажување од важен дел од македонскиот идентитет.

По реакциите, Градскиот совет спроведе независна проверка, која утврди дека забраната имала „значително и ненамерно негативно влијание“ врз македонската заедница. Во извинувањето, претставничката на Советот, Сара Квон, напишала дека одлуката оставила многу играорци, семејства и претставници на заедницата со чувство дека нивниот културен идентитет и наследство не биле почитувани или соодветно разбрани.

„Искрено се извинувам“, напиша Квон, додавајќи дека Советот ја поканил ФОМКУД да учествува на парадата во 2027 година, вклучително и со истакнување на знамето со Сонцето од Вергина.

Секретарот на ФОМКУД, Стој Јовевски, ја поздрави одлуката и рече дека македонската заедница чувствува олеснување.

„Ги обединува сите Македонци под едно знаме, под еден јазик, под една култура и традиција“, изјави Јовевски.

Тој додаде дека одлуката на Советот е победа и за другите малцински заедници кои се соочуваат со ограничувања во изразувањето на својот идентитет и култура.

Од друга страна, грчкото Панмакедонско здружение на Мелбурн и Викторија, кое ја поддржа првичната забрана, го критикуваше Градскиот совет затоа што не се консултирал со нивната заедница пред да ја промени одлуката.

„Се чувствуваме како да ни го одземаат сопствениот идентитет. Многу сме вознемирени што воопшто не нè консултираа“, изјави претседателот на грчкото здружение, Питер Стефанидис.

Поврзани вести