Бугарските медиуми, но и македонски активисти од Бугарија, известуваат дека Мелник е под опсада на полицијата во пресрет на најавениот за утре семакедонски собор по повод 110-годишнината од загинувањето на револуционерот Јане Сандански.
„Полицијата го окупира Мелник заради најавениот за недела собор-поклонение по повод 110 години од смртта на Јане Сандански. Неколку македонистички организации го именуваа претстојниот настан како ‘семакедонски собор’. Се очекува на покана на ОМО ‘Илинден’-ПИРИН да пристигнат и многу гости, вклучувајќи и политичари од РСМ. Според програмата, прво ќе се положат венци на гробот на Јане кај Роженскиот манастир, а потоа кај неговиот споменик во Мелник ќе има песни и танци.
На социјалните мрежи, пак, се организираат нашинци за исто така да пристигнат во Мелник. За да не дојде до судири, какви што имаше пред повеќе од 20 години, полицијата е на нозе“, пишува бугарскиот весник „24 часа“.
„Гробот на Сандански и градот Мелник сардисани од сите страни од бугарски аскер поради соборот“, објави на Фејсбук претседателот на Градскиот комитет и еден од основачите на ОМО „Илинден“, Атанас Кирјаков-Војводата, во друга објава додавајќи дека се прават проверки на документи на луѓе и на возила.