Италијанската премиерка Џорџа Мелони денеска изрази шок и остро негодување поради сметките во износ од десетици илјади евра што една швајцарска болница им ги испратила на семејствата на дел од младите жртви од новогодишниот пожар во Кран-Монтана, нарекувајќи го овој чин „навреда покрај подбивањето“ и „нехумана бирократија“.
„Бев шокирана од вестите за сметките во износ од десетици илјади евра што швајцарска болница им ги испратила на семејствата на некои од младите луѓе настрадани во пожарот на новогодишната ноќ во Кран-Монтана. Болница во Сион дури отишла дотаму што побарала над 70.000 евра само за неколку часа хоспитализација“, напиша Мелони на социјалната мрежа „Икс“.
Таа додаде дека разговарала со италијанскиот амбасадор во Швајцарија, од кого добила уверување од швајцарските власти дека станува збор за грешка и дека семејствата нема да треба да платат ништо. Сепак, Мелони побарала случајот да се следи со највисоко ниво на внимание, бидејќи би било „одвратно“ трошоците да паднат врз жртвите или врз Италија.
„Италијанската влада повторно ја изразува својата солидарност со настраданите млади луѓе и со нивните семејства и ќе продолжи да прави сѐ што е неопходно за да се расветли трагедијата и да се утврдат одговорностите“, истакна премиерката.
Во пожарот што избувна на новогодишната ноќ во барот „Ле Констеласион“ во швајцарскиот скијачки центар Кран-Монтана загинаа вкупно 41 лице, а 115 беа повредени, од кои голем дел со тешки изгореници. Меѓу жртвите имаше и италијански државјани, а дел од повредените сѐ уште се на лекување во различни болници во Швајцарија и во други земји.



