Мециновиќ со жестока критика за ЗНАМ и економските политики на владата

Пратеникот на Левица, Амар Мециновиќ, жестоко ја критикуваше владата предводена од ЗНАМ, обвинувајќи ја за економска превара и отстапување од левичарските принципи. Според него, предизборната нарација на ЗНАМ како „центар-лево коректор“ била само илузија, а нивната реална политика денес е во жесток судир со синдикатите.

„Сега нивната власт е во душманска пресметка со синдикатите, откако преку државно задолжување реши да вбризгува пари во приватниот сектор“, вели Мециновиќ, истакнувајќи дека ова е спротивно на интересите на работниците.

Тој исто така нагласи дека многумина не ги читаат предизборните програми, мислејќи дека се само празни ветувања, но дека во случајот на ЗНАМ, кратката програма од пет страници јасно укажувала на отсуство на вистински левичарски економски политики.

„И стално истата фора ни се сервира. Левиот блок е историски контаминиран со вакви центар-лево фатаморгани. Центар-лево не постои. Батка, или си против олигархијата и капитализмот, или не си“, порачува Мециновиќ, потенцирајќи дека вистинска левичарска алтернатива може да постои само со јасна и бескомпромисна антикапиталистичка политика.

Останува да се види како ќе реагира владејачката партија на овие обвинувања и дали ќе има одговор на критиките за својата економска стратегија.

Пронајдете не на следниве мрежи: