Мештани го испратиле селскиот поп во пензија со специјален подарок – џип

Жителите на селото Оглаѓеновац кај Ваљево во Србија заеднички собрале пари и на локалниот свештеник Гроздан Гајиќ, кој заминал во пензија, во знак на благодарност за 43-годишната служба во парохијата, му купиле и му подариле џип. Попот сега за време на пензионерските денови ќе може да ги посетува во моќен, вистина половен, теренец „Сузуки“, јавува „Вечерње новости“.

Селаните имаат само пофални зборови за протоереј-ставрофор Гроздан Гајиќ (65) и потсетуваат дека, благодарение на неговите заложби и истрајност, е обновен храмот посветен на светиот великомаченик Георгиј.

Во Оглаѓеновац е основано и роднокрајно братство „Мал чекор“, а тука се и истоимениот фудбалски клуб, задругата, Здружението за уметност и традиција.

„Џипот е мал подарок за сето она што прота Гроздан го направи за нас и за нашето село“, вели претседателот на споменатото роднокрајно здружение, Драган Јанковиќ.

„Нему можеме да му се заблагодариме што за Оглаѓеновац надалеку се слуша, бидејќи тој го покрена натпреварот „Туцијада“ за избор на најтврдо велигденско јајце, а се ангажираше и за уредувањето на два извора на чиста вода, па веќе немаме проблеми со сушата. Според идејата на прота Гроздан, овде е поставен единствениот крст во целата СПЦ, симбол посветен на распнатиот селанец кој чека…“, додаде тој.

Ваљевскиот владика Хесихиј го одликуваше свештеникот Гроздан Гајиќ со Орден на Свети владика Николај.

„Ова го гледам како награда за долгогодишното вредно служење на Бога и на народот во парохијата Оглаѓеновац, која опфаќа делови од селата Друзетиќ, Гола Глава и Осладиќ. Неизмерно, од сè срце, им благодарам на парохијаните за вредниот пензионерски подарок“, вели прота Гроздан, не криејќи ја радоста.

Пронајдете не на следниве мрежи: