„Скриеното трето: Помеѓу присуство и отсуство“ е меѓународна групна изложба што ги обединува жените уметнички од Македонија, Грција, Србија и Кипар. Овој проект е во партнерство со Националната галерија на Македонија и атинската галерија „Art Project Space“. Првата изложба ќе биде отворена на 13 мај во „Art Project Space“ во Атина и ќе може да се види до 6 јуни. Во октомври, македонската публика ќе може да ја види изложбата во Мултимедијалниот центар „Мала станица“ од 2 до 25 октомври. Кураторки на изложбата се д-р Ана Франговска од Македонија и Ники Папаспиру од Грција.
Изложбата се движи по една имагинарна линија што ги поврзува Белград и Никозија, со Скопје и Атина како значајни точки во оваа геополитичка и културна релација. Тринаесет уметнички од регионот ќе прикажат дела кои се создадени во разновидни медиуми како просторни и звучни инсталации, видеа, објекти, слики, цртежи и перформанс. Изложбата отвора феминистички простор на кохабитација, отпор и рекомпонирање, нагласувајќи го значењето на уметничкиот израз во свет кој постојано се менува, велат од Националната галерија.
Меѓу учесничките се Слободанка Ступар, Аница Вучетиќ, Дарија С. Радаковиќ, Анита Аргироилиопулу, Ефи Фурики, Катерина Евангелаκу, Моника Мотеска, Вана Урошевиќ, Дијана Томиќ, Славица Јанешлиева, Клица Антониу, Марина Касианиду и Елина Јоану. „Скриеното трето“ продолжува од проектот Присутност/Отсутност, формирајќи платформа за дијалог меѓу женските уметнички гласови од Балканот и Медитеранот. Вдлабочувајќи се во теоријата на Басараб Николеску за меѓусебно поврзана реалност, изложбата го истражува „скриеното трето“ како централен простор каде што спротивности како присутно/отсутно, материјално/нематеријално, индивидуално/колективно коегзистираат и се трансформираат.
The post Меѓународна изложба со уметници од четири земји: Македонија, Грција, Србија и Кипар appeared first on 365.mk.