Меѓународниот Аеродром Скопје, кој е под управа на ТАВ Македонија, филијала на ТАВ Аеродроми, се најде меѓу првите десет помеѓу најдобрите аеродроми во регионот на Источна Европа за 2025 година, според вреднувањето на светски познатата авијациоска организација Скајтракс (Skytrax) во рамките на нејзината годишна програма World Airport Awards. Оваа престижна награда е резултат од одгласите што ги имаат дадено самите патници, а официјалното прогласување се случи на авијациоскиот настан Passenger Terminal Expo во Мадрид, Шпанија, каде што се собраа преку 2.000 стручњаци од индустријата, од над 120 држави.
ТАВ Македонија оваа година одбележува 15 години од своето постоење, затоа оваа награда доаѓа како потврда за постојаната посветеност во обезбедувањето извонредно патничко искуство. Генералниот директор Неџат Курт изрази големо задоволство од ова достигнување и потврди дека компанијата ќе продолжи да се фокусира на унапредување на квалитетот на услугите на аеродромот.
Во списокот на најдобрите аеродроми во Источна Европа се најдоа уште и аеродромите од Будимпешта, Софија, Тбилиси, Талин, Рига, Кутаиси, Белград, Букурешт и Батуми, покрај Скопје кој го зазема десеттото место.
Од друга страна, во рамките на истите награди, други седум аеродроми под управа на ТАВ Аеродроми беа исто така препознаени како едни од најдобрите во светот, вклучувајќи ги оние во Алмати, Анкара, Измир, Батуми, Тбилиси, Рига и Медина.
World Airport Awards на Скајтракс се основани во 1999 година и се сметаат за значајен показател за квалитет во авиацијата, базирани на мишлењата и оценките на патниците кои учествуваат во истражувањата на компанијата. Оваа програма оценува дали услугите и производите што ги нудат аеродромите ја задоволуваат потребата на патниците за квалитетно искуство.