Вицепремиерот и претседател на Демократското движење – Изет Меџити уверува дека и покрај превирањата во ВРЕДИ, Коалицијата не се распаѓа, туку е уште посилна и појака, бидејќи 107.000 гласови освоени на последните парламентарни избори, вели, беа гласови за промена и надеж и ние остануваме на тој пат.
– Ние сите се сплотивме околу идејата да донесеме промена, плурализам, демократија во албанскиот кампус, борба против корупција. Сите се уште стоиме на тоа освен г-динот Таравари, кој од индивидуални и партиски причини излезе на површина дека подолг период неколку месеци, има состаноци и соработува со ДУИ. Нашиот став е дека не може да биде дел од ВРЕДИ и да соработува со ДУИ. ВРЕДИ е уште посилна, бидејќи освоените 107 000 гласови (на последните парламентарни избори) не се само гласови за Демократското движење, за Алтернатива, Беса или дел од Алијанса, туку беа анти-ДУИ гласови, гласови за промени и надеж и не може никој да се повикува дека ги има во џеб. Ние остануваме на тој пат да истраеме и да ја донесеме промената – рече Меџити во гостувањето на тв Сител.
Според него, проблем ќе има Таравари кој ќе треба на своите гласачи да им објасни како од партија антипод на ДУИ, сега се враќа и соработува со ДУИ.
Тој посочува дека обединувањето на партиите во Коалицијата ВРЕДИ во една партија е одраз на барањата на гласачите присутни уште од самиот почеток, и оти многу лесно се одвива процесот на претопување во една партија, на кој, вели, очигледно се спротивставува Таравари.
Меџити потврди дека лидерите од коалицијата вчера имале средба во Струга на која било договорено новиот политички субјект да има Централно претседателство со 23 члена, Централно собрание, заеднички Централен штаб и локални штабови, заеднички медиумски центар. Во овој процес кој ќе се одвива во наредните десетина дена, треба да се формира работна група која ќе работи на правните прашања околу формирањето на новиот политички субјект.
Во однос на тоа кој би бил претседател на партијата, тој кажа дека тоа најверојатно би можел да биде еден од тројцата лидери во коалицијата, но не исклучи можност и за нова личност.
– Идејата ни е да станеме нов политички субјект кој ќе биде поголемиот во албанскиот политички кампус, и во албанскиот кампус да има две опции – ВРЕДИ и Европски фронт или ВРЕДИ и ДУИ, кои носат плурализам и демократија, борба на платформи и идеи, проекти, потенцира Меџити.
Тој оцени дека доколку Таравари се решил за соработка со ДУИ, тоа треба и јавно да го обзнани, и етички е, вели, да ја напушти Владата.
– Сметам дека не му е местото во Владата, бидејќи штом сака соработка со ова ДУИ, тоа се коси со политиките и принципите на формирање на оваа Влада, а тоа е борба против корупција, враќање на правната држава и други начела, вели Меџити.
Тој не гледа причина со локалните да се одржат заедно и предвремени парламентарни избори, оти вели, парламентарно мнозинство е стабилно, има 78 пратеници засега, а има комуникација и можност тоа да биде над 80 пратеници.