Едноставно е погрешно тоа што апликацијата на Македонија за членство во ЕУ е ставена на чекање поради Грција, а сега и Бугарија. Погрешно е тоа што т.н. лидери на ЕУ дозволуваат другите членови да ја блокираат Македонија, истакнува американскиот аналитичар Џејсон Мико во интервју за програмата „Гласот на народот“ на ТВ Сонце.
– Доколку лидерите на ЕУ навистина сакаат пристапните преговори со Македонија да започнат, тие би можеле да се погрижат тоа и да се случи. Правилата во рамките на ЕУ може да бидат заобиколени, па дури и прекршени. Треба само да се погледне на финансиската криза и финансиската помош, особено на Грција и Кипар, за да се разбере еден едноставен факт: ЕУ може да ги заобиколи сопствените правила, вели Мико.
Коментирајќи го писмото од премиерот Никола Груевски до грчкиот колега Андонис Самарас вели дека доколку Грците не го прифатат понуденото ќе покажат дека не се заинтересирани за решавање на проблемот со името.
– Писмото е уште еден пример на Македонците да допрат до нивните грчки колеги како и многу пати во текот на изминатите неколку години. Мојата единствена надеж е дека Грците ќе ја прифатат македонската понуда за пријателство. Доколку не ја прифатат, тие го покажуваат својот вистински карактер и дека навистина не се заинтересирани за решавање на ова прашање, потенцира Мико.
Оценува дека Македонија се наоѓа во тешка состојба меѓу чеканот и наковалната, но не значи и дека таквата ситуација треба да остане.
– Македонија има алтернативи, вклучувајќи и создавање односи со други земји кои се подготвени да помогнат, како и градење на сопствената економија, без да бидат во ЕУ. Меѓутоа, втората алтернатива бара напорна работа и посветеност и јас сум убеден дека Македонците можат да го направат тоа. Во исто време, не заборавајте дека членството во ЕУ не е лек за се. Дури и доколку Македонија се приклучи кон ЕУ утре, не би почувствувала никакви ефекти со години. И, се разбира, со оглед на моменталната состојба на ЕУ, тие ефекти може дури да бидат и негативни, изјави Мико.
Прашан што ЕУ и САД треба да направат за да се реши македонскиот проблем, Мико вели дека е потребно вистинско лидерство – вклучувајќи Грција да се откаже од својата непопустливост – да се направи нешто во врска со ова.
– Постојат конкретни реални чекори што САД, ЕУ и НАТО може да ги преземат во врска со ова прашање, но се чини дека тие не сакаат да ги преземат тие чекори, нагласува Мико.
Тој оценува дека се додека постојат одредени членови на европскиот клуб подготвени да создаваат проблеми што не постојат за да задржат други потенцијални членови надвор, Европа никогаш нема да биде „цела, слободна и во мир“.
Мико не верува дека може да настапи дестабилизација на Балканот доколку Македонија и Србија не бидат прифатени во клубовите на ЕУ и на НАТО.
– Секој ќе плати доколку се случи нова дестабилизација. Сепак, јас не сум убеден дека ќе се создаде нова дестабилизација. Дозволете ми повторно да се осврнам кон последните коментари на Бајден. Тој пишува: „Пристапувањето на Хрватска во ЕУ исто така ги покренува влоговите за соседите кои се соочуваат со ризик да останат настрана“. Настрана? Зошто да не се биде во ЕУ претставува да бидеш „оставен настрана?“ Дали Швајцарија „остана настрана?“ Дали Исланд „остана настрана?“ Се разбира дека не. Доколку би се случила нова дестабилизација, јас не мислам дека Европа или Америка ќе имаат корист. Не сум сигурен кој би имал, потенцира Мико.
Мико не смета дека ЕУ е клуб само за католичките земји и како пример ја дава Романија која е православна христијанска земја и членка на ЕУ. Во врска со Турција која се обидува да започне преговори со Унијата веќе 30 години, вели дека е можно тоа да е така зошто е исламска земја.
– Многумина во ЕУ изјавија дека Европа е „христијански клуб“. Но, не е ништо повеќе „христијанска“ од тоа што се САД. Сметам дека повеќе е поврзано со целокупната култура на Турција што го вклучува и фактот дека мнозинството од Турците се муслимани, посочи Мико.
Коментирајќи ја неодамнешната изјава на Самарас дека Грција ќе му помогне на „Скопје“ да влезе во ЕУ и НАТО само доколку „Скопје“ го прифати новото име „ерга омнес“, вели дека доколку Македонија го смени името, тогаш ќе се промени и идентитетот.
– Двете работи се неразделни една од друга, тие се тесно поврзани. Во нашиот филм, Име си е име, средношколецот Иван извонредно го прикажува ова: „Токму името Македонија го определува нашиот македонски јазик, нашата националност и се останато поврзано со идентитетот. Без името нема за што да се бориме, бидејќи името е основа и доаѓа со се друго што е разлика за нацијата“. Ниту јас не би можел подобро да го кажам ова. За мене е фасцинантно да се види како меѓународната заедница ја третира Грција наспроти тоа како ја третира Македонија. Јас сериозно се сомневам, иако можеби грешам, дека „интернационалците“ вршат притисок врз Грција. Доколку вршат, ние би слушнале за тоа со оглед на склоноста на дипломатите да пренесуваат информации до печатот. Но, тоа не се случува и се разбира многу мислат и веруваат дека тоа не се случува, бидејќи Грција е во економска криза и да изврши поголем притисок врз нив за ова прашање ќе го скрши нивниот грб, условно кажано, вели Мико.
Нагласува дека дури и пред да избувне кризата во 2009 година, немало вистински притисок врз Грција.
– Ова го имам изјавено претходно и пак ќе го изјавам: „интернационалците“ ќе вршат поголем притисок врз онаа страна за која тие мислат дека прва ќе попушти – и во моментов, тие мислат дека Македонија ќе попушти прва. Тоа е причината зошто Македонците мора да останат обединети и силни: Нема промена на македонскиот идентитет или име. Не морате да го жртвувате вашиот идентитет за да влезете во клубот чие постоење е доведено во прашање, потенцира Мико.
Смета дека за Македонија постои алтернатива за членството во ЕУ и НАТО, а тоа е, нагласува, да работи напорно и да успее, што вклучува формирање односи со други земји.
– Само затоа што Македонија тесно соработува со Русија и Кина, на пример, не значи дека не сака да соработува со ЕУ или САД. Далеку од тоа. Но, Македонија во прв план мора да работи во корист на сопствените интереси. И како што претходно имам изјавено, јас не верувам дека членството во ЕУ е најдоброто нешто за Македонија. Се уште размислувам за НАТО, но во исто време, навистина нема голема потреба од приклучување кон НАТО. НАТО е создаден за заштита од надворешни закани и искрено, Македонија нема такви надворешни закани, прецизира Мико.
На прашањето како би реагирале Американците доколку некој сака да го смени името на САД?, Мико вели дека тоа нема да им се допадне.
– Можам да ви кажам – како горд Американец – нема да ни се допадне тоа. И покрај тоа, нашиот идентитет е под напад на многу различни начини и од многу различни страни. За жал, многу Американци денес се „американи“, но тие веќе не ја разбираат вистинската вредност на тоа да бидеш „Американец“, па така нивниот идентитет како американци и не е толку важен за нив. Од витално значење е тоа што Македонците разбираат што значи да се биде „Македонец“, и тоа мора да се пренесе на вашите деца и внуци, истакнува Мико во интервјуто за програмата „Гласот на народот“ на ТВ Сонце.Едноставно е погрешно тоа што апликацијата на Македонија за членство во ЕУ е ставена на чекање поради Грција,