„Верувам дека Милош Вучевиќ има професионални и лични квалитети да ја извршува функцијата премиер и ме увери дека може да обезбеди избор на Влада“, вели српскиот претседател Александар Вучиќ
Милош Вучевиќ, поранешен министер за одбрана и лидер на владејачката Српска напредна партија (СНС) го доби мандатот за формирање на новата влада на Србија.
Одлуката ја објави српскиот претседтале Александар Вучиќ на профилот на Инстаграм каде напиша дека за ова се одлучил откако ги слушнал мислењата на претставниците на избраните изборни листи.
Во Решението, потпишано од претседателот на Србија, се наведува дека Милош Вучевиќ досега ги извршувал одговорните и напорни функции на вицепремиер и министер за одбрана „со што покажал дека ја поседува посветеноста и стручноста потребни за ги извршува функциите на премиерот“.
„Верувам дека Милош Вучевиќ има професионални и лични квалитети да ја извршува функцијата премиер и ме увери дека може да обезбеди избор на Влада“,
рече Вучиќ.
Новиот премиер, посочува Вучиќ, ќе продолжи со реализација на програми насочени кон подигање на стандардот на сите граѓани, проекти од областа на здравството, образованието, науката и технологијата, развојот на инфраструктурата, екологијата, енергетиката, земјоделството, туризмот, како и во други области од значење за иднината на Србија и нејзиниот напредок на европскиот пат.
„Пред премиерот е задача да ја реализира специјализираната светска изложба ‘ЕКСПО 2027 Белград’, која во голема мера ќе ја претставува инвестициската основа во мандатот на новата Влада. Со зачувување на мирот и стабилноста, територијалниот интегритет на Република Србија, со доследно почитување на меѓународното право, регионалната соработка и грижата за виталните интереси на Република Србија ќе продолжи да претставува приоритети во работата на Владата“,
вели претседателот Вучиќ во образложението испратено од неговиот кабинет.
Одлуката се доставува до Народното собрание и влегува во сила со денот на објавувањето во Службен весник на Република Србија.
Вучевиќ беше избран на функцијата вицепремиер на Србија и министер за одбрана во октомври 2022 година.
Претходно беше градоначалник на Нови Сад, од септември 2012 до октомври 2022 година.
Тој беше избран за претседател на Српската напредна партија во мај 2023 година, кога претседателот на Србија, Александар Вучиќ, се повлече од раководството на партијата.