Мило Ѓукановиќ: Ако го сретнете пред мене покојниот Џефри Епстин, прашајте го од каде ме знае

И поранешниот претседател и премиер на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, се споменува во белешките на американскиот финансиер и осуден сексуален престапник, Џефри Епстин, откри новата серија документи што ги објави Министерството за правда на САД.

Ѓукановиќ, кој негира дека се познавал со сексуалниот престапник, всушност, е споменат во преписка на Епстин со словачкиот политичар Мирослав Лајчак, кој, пак, по нејзиното обелоденување, во саботата си поднесе оставка од функцијата советник на премиерот на Словачка.

Како што објавија црногорските медиуми, во времето кога бил претставник на Европската Унија за спроведување на референдумот за независност на Црна Гора, Лајчак во една порака до Епстин напишал дека претседателот на Црна Гора „се радува на нашата посета“, на што тој му одговорил: „Можеби треба да му даде засолниште на Доналд (Трамп).“ Лајчак потоа пишува дека „слабата точка на Доналд е Црна Гора“. За време на преписката, Епстин му испраќа на Лајчак и линк од порталот на „Њујорк тајмс“ со статија за Црна Гора и со фотографија од Котор, а Лајчак одговара: „Ви кажав дека Црна Гора е одлична“. Објавените преписки во врска со Ѓукановиќ понатаму откриваат дека во таа комуникација Епстин го прашал Лајчак дали Ѓукановиќ е претседател или премиер на Црна Гора, а Лајчак одговорил дека тој е претседател. Дел од тие пораки биле разменети во август, а дел на 21 септември 2018 година.

По објавата на оваа комуникација, во саботата вечерта се огласи Ѓукановиќ, кој на „Икс“ напиша дека никогаш немал ниту непосредна, ниту посредна комуникација со Епстин и на новинарите саркастично им порача, ако го сретнат покојниот Епстин пред него, да го прашаат од каде го знае.

– На зачестеното интересирање на медиумите по повод објавата на комуникациите на покојниот Џефри Епстин, известувам дека не го познавав Епстин, ниту, пак, со него, сум имал непосредна или посредна комуникација. Затоа, разбирливо, не можам да сведочам за веродостојноста на објавените разговори на Епстин, ниту за неговите евентуални посети на Црна Гора. Посебно жалам што не можам да им излезам во пресрет на очекувањата на одредени медиумски работници да одговорам на прашањето како Епстин дошол до заклучокот дека „г. Ѓукановиќ е сјаен лик“. Им препорачувам ако некаде го сретнат пред мене, задолжително да го проверат тоа и да ја известат јавноста за неговиот став, стои во објавата на Ѓукановиќ на „Икс“.
Содржината на досиејата во кои, меѓу другото, се споменува и Мило Ѓукановиќ, кој беше претседател на Црна Гора во периодот од 2018 до 2023 година, објавени во петокот вечерта, како што потврди заменик-генералниот обвинител на САД, Тод Бланш, вклучува околу 3 до 3,5 милиони страници со записи за активностите на Епстин, 2.000 видеа и 180.000 слики направени за време на истрагата. Министерството за правда тврди дека дел од содржината е тешко или невозможно да се објави без заштита на приватноста, па затоа имињата и личните податоци на жртвите се делумно или целосно прецртани.
Но, и во новата, огромна серија објавени документи, повторно е јасно присутен поранешниот принц Ендрју, кому неговиот брат, кралот Чарлс, неодамна му ја одзеде титулата принц, токму поради врските со Епстин. Од него има фотографии како клечи на раце и на нозе над неидентификувана жена и како фаќа за стомак друга жена која лежи на под.

–Ендрју Маунтбатен-Виндзор треба да биде подготвен да сведочи пред Конгресот на САД за неговите врски со Џефри Епстин, откако се појави во најновите објавени документи за осрамотениот педофил, изјави британскиот премиер, Кир Стармер, кој додаде дека жртвите на Епстин треба да бидат приоритет, а дали Ендрју ќе се извини, „тоа е негова работа“.

Џефри Епстин беше уапсен на 6 јули 2019 година, под обвинение за трговија со малолетници за сексуална експлоатација и заговор за трговија со малолетници. Во обвинението се наведува дека тој сексуално злоупотребил „десетици малолетни девојчиња“ намамувајќи ги да имаат сексуални односи со него во замена за пари, во периодот од 2002 до 2005 година. Во 2019 година беше пронајден мртов во притворската ќелија, а неговата смрт беше објаснета како самоубиство. Години подоцна, неговите жртви сè уште се борат за целосно објавување на досиејата за да се фрли светлина врз улогата на влијателните луѓе и да се одговорат прашањата за институционалното прикривање.

Пронајдете не на следниве мрежи: