Милчо Манчевски почна со снимање на „Врба“

По девет години пауза Милчо Манчевски повторно снима филм во Македонија. Се работи за шестиот долгометражен игран филм “Врба”, чие снимање почна денеска во близина на прилепското село Крушевица. “Врба“ е во продукција на „Банана филм“ и е македонско – унгарско – белгиска копродукција, со учество и на Албанија. Манчевски е автор и на сценариото на филмот – љубовен, за денешни и дамнешни души.
-“Врба“ раскажува три испреплетени приказни за љубов и доверба, едната од македонското средновековие, другите современи, но се огледуваат и се во контраст една со друга. Иако ги раздвојуваат векови, ликовите во „Врба” имаат слични грижи, радости и соништа. Не е важно која е темата или пораката на едно уметничко дело, важно е тоа да те допре, расплаче, насмее или налути, вели режисерот Манчевски.
Снимањето на филмот ќе трае до првата половина од декември и ќе се снима на локации во живописните мариовски села Штавица, Дуње и Зович, на Трескавец, во Преспанскиот регион и на различни локации низ Скопје.
Главните улоги ги играат младите актери: Никола Ристески, Сара Климоска, Наталија Теодосиева, Ненад Нацев и веќе искусната Камка Тоциновски. Покрај нив во филмот играат и Петар Мирчевски, Благој Чоревски, Ратка Радмановиќ, Ана Костовска, Лазе Манасковски, Катина Иванова, Кире Ѓоревски, Адем Карага, Јелена Јованова Периќ…
Директор на фотографија е Унгарецот Тамаш Добош (Támas Dobos), дизајнер на продукција е долгогодишниот соработник на Манчевски, Британецот Дејвид Манс (David Munns), за костимите се задолжени Жаклина Крстевска и Ѓерѓи Сакач (Györgui Szakács) од Унгарија, асистент на режија е Никола Ивановиќ од Србија, а кастинг директорка е Милка Анчевска. Продуцент е Јане Ќортошев, а извршен продуцент е Ник Пауел (Nik Powell) од Велика Британија, легендарниот коосновач на „Вирџин рекордс“ заедно со Ричард Брансон.

 

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.