Минесота го демолираше Денвер и го избори седмиот натпревар


Кошаркарите на Минесота Тимбервулвс се изборија решавачкиот седми натпревар во полуфиналето на плејофот на Западната конференција на НБА лигата, откако во шестиот натпревар во Минеаполис ги совладаа бранителите на титулата Денвер Нагетс со 115:70, израмнувајќи на 3-3.

Инаку Минесота ја отвори серијата со две победи, актуелниот шампион одговори со три победи во низа, а синоќа Тимбервулфс со убедливо славје ја донесоа крајната неизвесност на серијата до четири победи. Решавачкиот, седми натпревар ќе се одигра на 19-ти мај во „Бол Арената“ во Денвер.

Уште првата четвртина покажа во која насока може да оди мнатпреварот. Домашните по првата четвртина имаа 17 поени предност (31:14). На полувремето веќе беше +19 (59:40), а на крајот од третата четвртина разликата беше 25 коша (86:61). Гостите доживеаја целосен распад во последниот период од играта, губејќи со 29:9 за конечните 45 поени разлика (115:70).

Минесота беше предводена од Ентони Едвардс со 27 поени, четири скока, четири асистенции и три украдени топки, додека Џејден МекДаниелс додаде 21 поен, четири скока и една асистенција. Французинот Руди Гобер впиша осум поени и 14 скока.

„Момците веруваа во себе, тоа беше клучот“, рече Едвардс.

„Разговаравме многу пред натпреварот за тоа како да го вратиме водството, како да играме послободно и полесно. Се чини дека успеавме“, додаде тренерот на Минесота, Крис Финч.

Ниту еден бранител на титулата не загубил со толкава разлика во плеј-офот.

„Тој податок најдобро опишува како игравме“, изјави разочараниот тренер на Денвер, Мајк Мелоун.

Нагетс пробаа сѐ, ја бараа најдобрата петорка која ќе може да му се спротистави на домаќинот, но не успеаја.

Кај Денвер најефикасен беше Никола Јокиќ со 22 поени и девет скока, Арон Гордон додаде 12 поени, осум скока и четири асистенции, а Џамал ​​Мареј запиша 10 поени и пет асистенции.

Во второто полуфинале на Западот Далас води со 3-2 против Оклахома Сити, а шестиот натпревар е на 18 мај во Далас.

Пронајдете не на следниве мрежи: