На 27 март, на Светскиот ден на театарот, беше отворено четвртото издание на фестивалот кој му е посветен на големиот Петре Прличко, организирано од Здружението на граѓани “Плус публика”. И покрај трагичните случувања во Кочани пред десетина дена, денес го чествуваме 27 Март, Светскиот ден на театарот, симбол на човечката креативност, сцена која ги одразува нашите соништа, стравови, надежи и победувања, рече министерот за култура и туризам Зоран Љутков, отворајќи го четвртото издание на Фестивалот. Театарот, како што истакна тој, постојано беше и ќе остане повеќе од простор за изведби. Тој е жив организам што ја одржува врската помеѓу минатото и сегашноста преку својата непрекината потрага по разбирање и поврзување. Преку секој збор, гест или молк, театарот ја носи приказната на човекот како најмоќна форма на изразување.
Театарот, особено во ера на брзи технолошки промени, останува основен дел од културното ткиво на едно општество, постојано потсетувајќи нѐ на значењето на личната и директна комуникација. Тој ни помага да ги анализираме и да ги разбереме поединечните и колективните искуства, да не критикува за да бидеме подобри луѓе и создава услови за поинакви перспективи. Театарот ја враќа суштинската моќ на зборовите, во свет каде што тие често губат тежина. Во чест на овој ден, изразуваме голема благодарност до сите кои работат во театарот, како оние на сцената така и оние зад неа, чии постапки се невидливи, но есенцијални за реализацијата на секоја претстава. Нека овој ден нѐ потсети дека уметноста има моќ да нѐ обедини и инспирира. Од антички трагедии до современи форми, Велес гордо стои како град со фестивали кои ги обединуваат и двете традиции, вклучувајќи го и фестивалот посветен на популарни претстави „Петре Прличко“. Денеска го прогласувам четвртото издание на „5ре“ за отворено, рече Љутков.
Во рамките на фестивалот се додели награда за животно дело на актерката Слободанка Чичевска, која преку својот исклучителен придонес остава траги во велешкиот театар. Фестивалот започна со претставата „Госпоѓа Министерка“ од Театар „Ј.Х.К.Џинот“, по повод тридецениската кариера на актерката Зорица Панчиќ. Оваа година, фестивалот за првпат вклучува театри од Србија и Црна Гора. Затворањето на фестивалот на 16 април ќе биде означено со доделување на награди за најдобра женска и машка улога, најдобра претстава и најдобра режија, каде што наградите ќе бидат плакети со ликот на Петре Прличко и благодарница. Собраните средства од продажба на билети од отворањето на фестивалот се наменети за настраданите во Кочани.
Програмата за ова издание вклучува:
– 27 март: „Госпоѓа Министерка“ (премиера)
– 3 април: „Лошо куче“ (Stand-up на Никола Тодороски)
– 4 април: „Покојник“ (Црногорско Народно Позориште)
– 5 април: „Секс, лаги и љубомора“ (Народен Театар Охрид)
– 10 април: „Капетанот Џон Пиплфокс“ (Мак Данс Студио)
– 11 април: „Кој се плаши од Вирџинија Вулф“ (Народно Позориште Ниш)
– 12 април: „Фамилија Адамс“ (Драмски Театар Скопје)
– 14 април: „Мис Стон“ (проекција на филм)
– 15 април: „12“ (Македонски Народен Театар)
– 16 април: „Широк дијафазон“ (Stand-up со Сашко Коцев)
The post Министерот Љутков го отвори фестивалот „5ре“ appeared first on 365.mk.