МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ПРАВДА ЌЕ БАРА ЕКСТРЕДИЦИЈА НА ИГОР СПАСОВ ОД СОФИЈА

Да не била девојката која го пријавила за насилство, бугарската полиција немаше да го најде осуденикот, поранешниот специјалец Игор Спасов кој македонското министерство за внатрешни работи го бара со потерница за издржување на казна затвор за убиството на Мартин Нешкоски.
Од Основниот суд Штип кој во октомври 2019 година издаде наредба за распишување потерница за Спасов велат дека денеска, од министерството за правда добиле Барање да им биде доставена комплетната документација потребна за испорачување на Спасов од Бугарија во Македонија.
„СВР Штип на 28.10.2019 година го извести судот дека Спасов е недостапен на органите на прогонот, по што веднаш е доставена согласност за издавање на потерница за територијата на Република Северна Македонија. Ден подоцна штипската полиција го извести судот дека Спасов ја напуштил земјата и побара и доби Изјава со која судот изјавува дека во случај на пронаоѓање на лицето ќе побара негова екстрадиција, а ова потребно заради распишување на меѓународна потерница по осудениот.“ – велат од Основен суд Штип.

Од министерството за правда денеска најавија дека е започната постапката за испорачување на Спасов во Македонија.
Спасов беше во бегство нешто повеќе од две години, а обвинителството во ноември 2019 година отвори предистражна постапка за да открие дали поранешниот припадник на специјалната единица „Тигри“ користел лажна документација дека е болен за да го избегне одењето во затвор и на крајот на побегне.
„Бугарското национално радио утрово објави дека Спасов не давал отпор при апсењето и дека полиција истражува кога и како влегол во Бугарија од Турција и дали жената што го пријавила насилството знаела дека живее човек кој се бара за убиство од страна на Интерпол“
МВР распиша меѓународна потерница за Спасов откако тој не се врати да ја доиздржи казната затвор во „Идризово“ по завршување на лекувањето. Спасов е осуден на 14 години затвор за убиството на Мартин Нешкоски што се случи на плоштадот „Македонија“ во Скопје на прославата на победата на ВМРО-ДПМНЕ на парламентарните избори во 2011 година. .

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.