Министерство за здравство: Венко Филипче од денеска во домашна изолација

Министерството за здравство информира дека, по информација дека градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски кој вчера одржа состанок на кризниот штаб на Куманово на кој присуствуваше и Министерот за здравство доц. д-р. Венко Филипче, е позитивен на Ковид-19, министерот Филипче од денеска ќе биде во домашна изолација.
За време на состанокот, министерот Филипче ги почитуваше сите протоколи за заштита и носеше соодветна заштитна опрема, исто како и останатите присутни. Во текот на денот епидемиолозите од Институтот за јавно здравје ќе направат епидемиолошки анкети со министерот Филипче и со сите други функционери во Владата кои вчера беа присутни на состанокот. До добивање на епидемиолошка проценка на ризикот и насоки за понатамошно постапување Филипче ќе остане во изолација.

Работата на Министерството за здравство продолжува да се одвива непречено, а министерот Филипче и од изолација останува во редовна комуникација со Комисијата за заразни болести и сите останати инволвирани во овој процес и продолжува да ги координира сите процеси во справување со кризата.
Како и досега, Министерството за здравство редовно и навремено ќе информира за состојбата со коронавирусот во земјата, а прес-конференциите на министерот Филипче ќе се одвиваат преку достапните онлајн платформи за оваа намена. Во текот на денот ќе се воспостави техничка можност за ова за да нема застој во информирањето.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.