Се преземаат сите потребни чекори за комплетирање на документацијата и нејзино соодветно процесирање во рамки на законската процедура, велат од Министерството за правда во однос на случајот со екстрадицијата на поранешниот премиер Никола Груевски кој доби азил во Унгарија откако пребега од државава во 2017 година.
По вчерашниот повик од Груевски до министерот за правда да ги испита и монтираните случаи, од Министерството за правда велат дека немаат надлежност да преиспитуваат правосилни судски одлуки, туку да постапуваат по нив.
– Собирањето информации од надлежните судови има за цел да обезбеди целосна и точна правна основа за понатамошно постапување. Министерството нема надлежност да ги преиспитува правосилните судски одлуки, туку е должно да постапува по нив. Воедно, нагласуваме дека сите постапки се водат низ институционален процес и во соработка со надлежните органи на Унгарија, без влијание на политички изјави или квалификации, велат од Министерството.
По падот на Виктор Орбан во Унгарија и доаѓањето на новиот унгарски премиер Петер Маџар стана актуелна екстрадицијата на поранешни странски високи функционери кои добиле азил во Унгарија, меѓу нив е и поранешниот македонски премиер Груевски.
Тој вчера во подолга објава на Фејсбук обвини дека случаите биле монтирани од власта на СДСМ и го повика министерот за правда Игор Филков да ги испита.
– Му предлагам да собере информации како беа доставувани списоци од кабинетот на Заев за тоа кој треба да биде гонет за да се направи дека е криминалец и да се острани од политиката, а кој за да биде уценет и лажно да сведочи против други. Да собере информации за еден куп сведоци или обвинети, кои со разни недозволени и незаконски уцени и закани беа приморувани да даваат лажни изјави и сведоштва, вели Груевски меѓу другото
The post Министерство за правда: Постапката за Груевски се води институционално, без влијанија од политички изјави appeared first on Provereno.



