Министерството за финансии соопшти дека префрлило 148,6 милиони денари, односно нови 2,4 милиони евра, кон Развојната банка, наменети за поддршка на инвестициите на домашните компании. Со овој трансфер, според Министерството, вкупниот износ на средства пласирани во домашната економија за реализација на инвестиции достигна 14,5 милијарди денари, или 235,8 милиони евра. Од Министерството информираат дека вкупниот буџет за поддршка на домашните компании изнесува 250 милиони евра, додека инвестицискиот циклус се очекува да достигне околу 300 милиони евра. Средствата им се обезбедуваат на компаниите преку деловните банки под поволни услови, со каматна стапка од 1,95% годишно, рок на отплата до 15 години и грејс-период до 3 години, со цел поттикнување на приватните инвестиции и економскиот раст.



