Јавниот долг на државата, до 31 декември 2025 година, достигнува 10.064,1 милиони евра, што претставува 59,6 проценти од бруто-домашниот производ (БДП), објави денес Министерството за финансии.
Според ресорниот министер Гордана Димитриеска Кочоска, овој износ на јавен долг е јасен и силен индикатор за напорите кон одржливи јавни финансии и фискална консолидација, а во исто време значи и усогласување со Мастришките критериуми, според кои јавниот долг треба да биде под 60 проценти од БДП.
„Морам да бидам искрена и да кажам дека според нашите прогнози, во согласност со Стратегијата за управување со јавен долг, иако Министерството за финансии работеше напорно, беше предвидено дека долгот ќе се движи малку над 60 проценти. Но, уште еднаш, можеме да покажеме и докажеме дека со посветена работа, внимателно планирање и строга контрола на секој трошок, водејќи сметка за секој трошок не само на централната влада, туку и за начинот на кој се трошат кредитите повлечени од јавните претпријатија и акционерските друштва, можеме да постигнеме резултати дури и побрзо отколку што очекувавме“, изјави Димитриеска Кочоска.
Министерот за финансии објасни дека пониското ниво на јавен долг во споредба со очекувањата главно се припишува на разумното трошење во рамките на централниот буџет, но и на контролираното и фазно повлекување на кредитните средства од јавните претпријатија.
Во овој процес, таа нагласи дека важна улога играат Секторот за буџет во Министерството за финансии, кој континуирано ја следи финансиската состојба и извештаите на овие компании, како и Секторот за меѓународни финансии, преку кој се врши повлекувањето на средствата.
На прашањето за очекувањата за движењето на јавниот долг до крајот на годината, министерката рече дека не очекува тој да надмине 60 проценти, но додаде дека ќе се види како ќе се одвива годината, што во голема мера зависи од остварувањето на приходите.
Според податоците од Министерството за финансии, надворешниот јавен долг изнесува 4.493,9 милиони евра, додека внатрешниот јавен долг е 4.570,2 милиони евра. Државниот долг до крајот на 2025 година изнесува 538.253,1 милиони евра, односно 51,8 проценти од БДП, што претставува намалување од 1,2 процентни поени во споредба со претходната година.
The post Министерство за финансии: Јавниот долг на државата достигна 10.064,1 милиони евра appeared first on Во Центар.



