За само 100 дена ги поставивме темелите за системски, значајни реформи кои ќе ја модернизираат нашата јавна администрација. Министерството за јавна администрација со иста енергија и посветеност продолжува со иницијативата на реформските процеси за изградба на поефикасна, транспарентна, квалитетна и професионална јавна администрација, заклучи ресорниот министер Горан Минчев во својот отчет за работата на ова новоформирано министерство по одвојувањето на Министерството за дигитална трансфорамција. Тој се осврна и на клучните проблеми во јавната администрација што ја прават неефикасна и предизвикуваат незадоволство кај граѓаните кои се корисници на овие услуги.
– Не е главниот проблем превработеноста иако морам да кажам таа е на високо ниво. Во рамки на Министерството за јавна администрација имаме еден извештај кој се однесува на периодот од 2016 до 2023 година. Во 2016 година ние сме имале околу 1.290 институции, а околу 129.000 вработени во јавниот сектор. Седум години подоцна имаме 1.370 институции, а околу 128.000 вработени во јавниот сектор. Тоа значи дека имаме 80 нови јавни институции, а 1.000 вработени во јавниот сектор помалку, што значи горе-долу бројката во овие 7 години е избалансирана. Клучниот проблем во јавниот сектор и во јавната администрација е недоволната компетентност, недоволната стручност, непрофесионализмот и незнаењето коишто не можат да даваат квалитетни услуги на граѓаните, а тоа е производ, не сакам да кажам дека тоа е од минатата влада туку 30 години наназад е резултат на партиските вработувања, на непотизмот, на етничките вработувања во смисла на злоупотреба на балансерот итн и тоа сакаме да го смениме – рече министерот Минчев.
Негов личен став е дека јавната администрација треба да биде професионална, добро средена, намалена по број и која што ќе пружа сериозно квалитетни услуги на граѓаните. Според министерот, станува збор за процес којшто трае и бара сериозен пристап и во дебатите за трите закони од оваа сфера важно е да се слушне и гласот на граѓаните. Отпушањето на вработените во јавната администрација сега засега не е опција, туку ќе се работи на нивна реедукација. Процесот е веќе започнат во Министерството за јавна администрација каде околу 50 проценти се вишок, но може да изберат што ќе работат според нивните компетенции.
– Вработените ќе останат на работа, но мора да се случи еден паралелен процес во рамките на самите институции. Можам да говорам за МЈА кадешто според мое мислење, во рамките на новата поделба во Мининстерството има околу 60-тина вработени. Мислам дека реално во самите одделенија или сектори може да располагаме со околу 50 проценти од капацитетот на вработените. За таа цел направивме неколку состаноци со вработените на кои најтранспарентно и најдемократски му оставаме можност на секој вработен кој во моментов врши некаква работна задача, а несоодветно ја врши, согласно неговото образование, да каже сам кој е неговиот афинитет, каде се гледа, во кое одделение и кој сектор и каков може да биде неговиот придонес. Или да поедноставам, тоа значи дека мора да помине еден процес во којшто ќе се направи внатрешна реедукација во секоја институција. Значи ние не можеме да се доведеме до ситуација некој да седи во јавна администрација, да зема плата, а не ги исполнува своите работни задачи зашто тоа пак предизвикува револт кај тие што работат деноноќно, ги извршуваат сите работи, а земаат иста плата со овие коишто не ги исполнуваат своите работни задачи. За таа цел, важно е формирањето на т.н. академија за обука, едукација на јавната администрација која би помогнала во овој процес на внатрешна реедукација. Останува да видеме каков завршеток ќе имаат овие закони – рече Минчев.
На прашањето дали ваквата доедукација на непродуктивните кадри ќе значи нови финансиски импликации врз институциите покрај исплатата на платите за нив, Минчев е дециден:
– Нема да се избркаат тие што нема да ја поминат дообуката, постојат и други дисциплински мерки пред процесот на отстранување на некој од работното место доколку не ги извршува своите работни задачи согласно постоечките закони. Во рамки на Министерството за јавна администрација има Сектор за обука и едукација на вработените во јавниот сектор и на јавната администрација и тој треба да се трансформира со создавањето на академијата. Финансиски импликации можеби би имало во секоја институција со формирање на академијата. И сега се плаќа одреден надомест, такса за обука, едукација или пак во Агенцијата за администрација за полагање на соодветни тестови за соодветно работно место, па мислам дека не би бил некој голем финансиски издаток – смета Минчев.
Инаку на 28 октомври е закажана последната дебата за новата законска регулатива и предлогот е да таа се одржи во надлежната собраниска Комисија за политички систем со учество и на претставници на Националниот демократски институт (НДИ) па кон крајот на ноември и почетокот на декември повторно да се најде пред пратениците во Собранието и да се донесе до 2025 година за да започне вистинската реформа во јавната администрација.