Жалам што преку медиуми и на прес-конференции мораме да комуницираме со институциите, но очигледно оваа влада одбива да се соочи со одговорности и да пристапи кон решавање на проблемите кои ги создава поради свои лични интереси, а во голема мера и поради непознавање на материјата, реагира по денешната прес-конференција на директорката на ДИЖС, градоначалникот на Општина Крива Паланка Сашко Митовски.
– Директорката на инспекторатот за животна средина денес на прес-конференција се обиде да ја префрли вината за загадувањето на непознат сторител, а никако да констатира штета по еколошката и животната средина на Крива Паланка и паланчани.
На оваа нејзина прес-конференција од страна на директорката беа изнесени и низа на лаги, но, и неколку признанија за нестручноста на ДИЖС.
Имено, лага е дека не сум побарал соработка со ДИЖС. Неколкупати се обидов да стапам во контакт со надлежни од инспекторатот, па откако не добив никаков повратен одговор тоа го направив и јавно. На дебатата во 24 Телевизија апелирав ДИЖС да ме контактира за да пристапиме заеднички кон решение на проблемот.
Лага е изјавата на директорката дека во Крива Река имало само два пати зголемена концентрација на цијанид.
Анализата на водата која ја направи акредитирана лабораторија ќе ја објавиме јавно за да може да се запознае целокупната македонска јавност за обидот за лажираање и релативизирање на состојбата.


Овие резултати впрочем ги потврдуваат и истражувањата на РК „Мрена“ од Крива Паланка кои се направени од страна на Институт за јавно здравје – државна институција.
Директорката разоткри и уште една лага – имено, директорот на „Булмак 2016“ јавно тврдеше дека утрината при хаваријата се земени мостри од водата од страна на државен инспектор по животна средина, иако му беше предочено дека тоа не е направено.
Денес Гиновска ја потврди оваа информација – дента на хаваријата НИТУ ЕДЕН инспектор не земал примероци од водата во Тораница. Кого сакале да сокријат и да заштитат?
Следна лага е дека не било објавено од страна на ДИЖС дека нема загадување од хаваријата во рудникот „Тораница“. Подолу е и фотографија од објава на Државниот инспекторат за животна средина во која се тврди дека немало загадување и дека тие земале примероци.
Сега што е точно, ако директорката тврди дека инспекторите не земале примероци дента, а на Фејсбук вечерта објавиле дека земале? Кој ќе одговара за ставањето на здравјето на граѓаните на Крива Паланка во опасност?
За крај, апелираме на одговорност за одговорните лица во „Булмак 2016“, но апелираме рудникот да остане функционален но со редовни контроли врз работењето и придржувањето кон законските прописи. – објави на Фејсбук градоначалникот Митовски.