Претходно, на прес-конференција денеска, српскиот претседател се осврна на расправата која на социјалната платформа „Икс“ ја започна премиерката Ана Брнабиќ одговарајќи на оценката на Рот дека изборите во Србија ниту биле фер ниту слободни
Претседателот на Комисијата за надворешни рaботи на германскиот парламент – Бундестагот, Михаел Рот, упати критики за политиката на српскиот претседател Александар Вучиќ, кој денеска на прес-конференција го нарече Рот „србомразец“, пренесуваат српските медуми.
Конфронтацијата меѓу Рот и српскиот претседател доаѓа по вчерашната преписка на социјалната мрежа „Икс“ меѓу германскиот функционер и техничката премиерка на Србија, Ана Брнабиќ во врска со извештајот на ОДИХР за регуларноста на неодамнешните избори во Србија.
Рот на социјалната платформа „Икс“ објави дел од обраќањето на Вучиќ на денешната прес-конференција и му порача дека максимата „Државата, тоа сум јас“ (која му се припишува на некогашниот француски крал Луј Четиринаесетти), одамна не важи во Европската Унија.
„L’état c’est moi!“ Das gilt schon lange nicht mehr in 🇪🇺. Sie sind nicht Serbien, Herr Präsident @avucic! Ich kritisiere Sie, Ihre russlandfreundliche und autoritäre Politik. Das serbische Volk hingegen mag ich. Sie sind das größte Hindernis für einen EU-Beitritt Ihres Landes. https://t.co/ZCyhXj0kNH
— Michael Roth – official 🇪🇺🇺🇦🇮🇱 (@MiRo_SPD) March 2, 2024
„Вие не сте Србија, претседателе Вучиќ! Ве критикувам вас, вашето пријателство со Русија и авторитарната политика. Од друга страна, го сакам српскиот народ. Тоа што го набројав се најголемите пречки за влез на вашата земја во ЕУ“,
напиша претседателот на Комисијата за надворешни работи на германскиот Бундестаг.
Претходно, на прес-конференцијата српскиот претседател Вучиќ се осврна на расправата која на социјалната мрежа „Икс“ ја започна премиерката Ана Брнабиќ одговарајќи на оценката на Рот дека изборите во Србија ниту биле фер, ниту слободни.
„Замислете Ана Брнабиќ да се осмели да му одговори на Рот. Нека си игра тој со други држави, но со Србија нема да си игра. Тој не е господин, добро го познавам, најголемиот србомразец во Германија“,
рече Вучиќ обраќајќи ѝ се притоа на Брнабиќ која седеше во првиот ред на прес-конференцијата, сугерирајќи ѝ следниот пат да одговори три пати пожестоко, пренесуваат Н1 и Нова.рс.
Брнабиќ вчера на социјалната платформа реагираше во врска со повикот на Министерството за надворешни работи на Германија до Белград да ги спроведе сите препораки од извештајот на ОДИХР и на оценката на Рот дека изборите во Србија не биле фер и слободни. Таа во реакцијата напиша дека Бундестагот 10 години не спровел ниту една препорака на ОДИХР за изборите во Германија.
Рот на тоа одговори дека ОДИХР никогаш не регистрирал огромни изборни нерегуларности во Германија, организирано уредување на избирачкиот список и транспорт на фантомски гласачи, по што Брнабиќ го обвини дека „не се ни потрудил да го прочита“ извештајот за Србија.
„Да го прочитавте извештајот што се осмелувате да го коментирате, ќе видевте дека ОДИХР сосема коректно и прецизно тоа го наведува како наводи и тврдења, а не како факти, затоа што тоа и се: неосновани, непоткрепени тврдења на опозициските партии“,
напиша таа и додаде дека во извештајот не е наведена фразата „фантомски гласачи“ што ја употребил Рот.
Српскиот претседател денеска на прес-конференцијата ги обвини западните земји дека го засилуваат притисокот врз Србија со цел де факто и де јуре да го признаат Косово, да воведат санкции кон Русија и да го сменат нејзиниот однос кон Кина.
Крајната цел, како што рече во едночасовното обраќање е „воведување марионетски режим“, бидејќи, „слободна и независна Србија не е популарна во Европа“, пренесува регионалниот сервис на Радио Слободна Европа.
Конечниот извештај за изборите во Србија што се одржаа на 17 декември лани – парламентарни и локални, ОДИХР го објави на 28 февруари. Во него се вели дека на вонредните избори „доминирало решително учество на претседателот, кој заедно со систематската предност на владејачката партија создал нефер услови за учесниците“.