Македонската јавност се уште во шок поради промената на ставот на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски по однос на промената на Уставот со цел внесување на Бугарите во истиот.
Ставот на Мицкоски дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и тој се последната брана за промена на Уставот лавираше во прифаќање на промена на Уставот со некакво си одложен дејство.
-Пратениците во овој момент практично претставуваат чувари на Уставот, при што јавно се обврзаа да бидат гаранцијата дека ќе нема промена на Уставот и легитимирање на процесот на асимилација и бугаризација, кој го прифати и договори Владата. Знам дека многумина ќе влечат паралели со промените на Уставот врзани за промената на името и ќе нагласам дека сум свесен за тие коментари, но воедно ви посочувам дека ова не е 2019-та година, ниту пак ова е истиот пратенички состав. А најголема гаранција дека нема тоа да се случи – е јавно дадениот збор на сите пратеници, вклучително и моето верување во капацитетот на таквата одлука на пратениците. За мене, јавно дадениот збор е поголема обврска од кој било потпишан договор, но и покрај зборот, на иницијатива на самите пратеници се дадоа изјави заверени на нотар, изјави Мицкоски на 19 јули 2022 година.
Ваквата промена во ставот на Мицоски дојде по лидерската средба со премиерот Димитар Ковачевски на која покрај прифаќање на промена на Уставот со исполнување на одредени услови, Мицкоски прифати и влез во Влада со СДСМ.
Во своето најново пишано интервју за Дојче Веле, Мицкоски не само што потврдува дека прифаќа промена на Уставот туку користејќи го вордингот на СДСМ бара од Ковачевски и владеачката партија да не го блокираат членството на Македонија во Европската Унија, да ги прифатат неговите услови и да се гласа што е можно поскоро за промена на Уставот.
-СДСМ е потполно свесна за тоа што го понудив на лидерската средба, но упорната манипулација која се прави со изнесување на неточни информации и импутирање на зборови практично ја отсликува состојбата во партијата и значи отсуство на волја да се направи реален исчекор со решение кое ќе значи зачувување на идентитетот и реална и брза интеграција на државата. Дотолку повеќе што задните и вистински намери се гола пиар реторика и битка, отколку грижа за државата. Расфрлањето со пердуви е контрапродуктивно затоа што јасно е од лидерската средба дека нема договор, а сѐ уште чекаме одговор од СДСМ – кој од двата предлози кои ги понудив тие го прифаќаат. И на самата средба Ковачевски беше дециден дека нема договор, што и јас го кажав потоа во изјавите пред медиумите. Мојата цел беше да се одглават работите и да се даде поинаква перспектива на процесите, да создадеме решение кое нема да биде на штета на граѓаните и иднината на Македонија. Жалам што СДСМ пропушта голема и историска шанса, изјави Мицкоски за Дојче Веле.
Промената на Уставот како што тој ја замислува е условена со следниве неколку чекори.
– Она што го понудив е промена на околностите, заштита на националните интереси и европска интеграција. Првиот предлог кој го дадов е преодна влада без ДУИ, измени кои ќе стапат во сила со завршување на преговорите и членството на државата во ЕУ. Вториот предлог е избори, гаранции за националниот идентитет и јазик, економски пакет, и заштита на Македонците во Бугарија преку спроведување на пресудите на судот за човекови права во Стразбур. И измени од влада без ДУИ, поддржана од опозицијата. Она што го понуди Ковачевски се уставни измени под бугарски диктат, и широка влада со ДУИ. Не е поентата ВМРО- ДПМНЕ да дојде на власт во некаква широка влада, туку да изградиме процес и пакт за национално единство каде ќе ги заштитиме националните интереси, вели Мицкоски.
Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.