Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Владата се откажува од набавката на нов воздухоплов по критиките на СДСМ, иако како што рече, новиот воздухоплов би го користеле и идни влади а не само оваа.
Тој го обвини претседателот на СДСМ, Венко Филипче дека не си останал на зборот, бидејќи на лидерската средба било договорено дека опозицијата нема да ја критикува Владата за набавка на нов авион.
Тој додаде дека воздухопловот е во возна состојба и ќе се користи и за хуманитарни цели, нагласувајќи дека дебатата за идни влади и идни премиери е одвишок и не треба да ја загрозува безбедноста на луѓето кои ќе го користат.
„Авионот е во возна состојба, можете да разговарате со лицата кои го управуваат и ти се тие кои иницираа да се обидеме да обезбедиме средства за да набавиме нов воздухоплов. Гледам од опозицијата се создава оваа тема, иако на лидерски средби со претседателот на СДСМ разговаравме и тој рече дека за ова не треба да се критикува Владата бидејќи утре ќе биде друга влада, а возухопловот ќе се користи и за хуманитарни причини. Но гледам дека не си стојат на зборот, и ние ќе се повлечеме од таа набавка и ќе се молиме да останеме живи. Доколку се урнеме некаде и починеме претпоставувам дека ќе им стане јасно на сите дека оваа дебата за некоја идна влада и за некои идни премиери е одвишок“, изјави Мицкоски.“
Премиерот кажа дека владиниот „лирџет“ го користел четири пати. Од Сплит до Скопје после годишниот одмор во август лани, се вратил со владиниот авион бидејќи го пропуштил летот на „Кроација ерлајнс“.
„До Хрватска бев со комерцијален лет на ‘Кроација ерлајнс‘ до Сплит, на покана на хрватскиот претседател господинот Зоран Милановиќ. Имав работна вечера и мојот годишен одмор којшто требаше да трае три дена, го продолжив за еден ден да трае четири дена. И бидејќи го испуштив авионот повратно со комерцијален лет да се вратам во Скопје, а следниот ден имав неодложни обврски, владиниот воздухоплов дојде, ме зема од аеродромот во Сплит и ме донесе во Скопје“, рече Мицкоски.
Во изминатите денови, опозицијата ја критикува Владата за планираната набавка на нов воздухоплов, отворајќи широка дебата во јавноста.



