Мицкоски бара опозицијата да го предлага јавниот обвинител, за Заев предлозите на ВМРО-ДПМНЕ доаѓаат од Будимпешта

Двајцата лидери со спротивставени ставови околу законот и меѓусебни обвинувања за кочење на процесот. Опозицијата прифаќа средба на работните групи доколку нивните забелешки и предлози се прифатат, власта обвинува за обид на амнестија на криминалот. Оптимизмот за носење на законот е се помал
Законот за јавно обвинителство е чекор подалеку од гласањето во Собранието откако денеска лидерите на двете најголеми политички партии ги вкрстија копјата со меѓусебни обвинувања за обиди за аменстија на криминалот. Ако до вчера беше прашање на време кога ќе се одржи средбата на работните групи на СДСМ и ВРМО – ДПМНЕ и ќе продолжат преговорите околу законот сега е прашање дали воопшто ќе има таква средба.
Претседателот на ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска на прес конференција кажа дека преговори може да има само доколку се прифатат нивните забелешки и предлози за законото за јавно обвинителство кој во оваа форма, според експертите со кои се консултиралее неуставен и неевропски.
„Повторно предлагаат формирање на посебно обвинителство со енормно високи плати и додатоци на посебна каста на привилегирани обвинители, а на штетата на обвинителите во редовното обвинителство. Предлагаат закон кој што е антиуставен и во спротивност со кривичното право. Со законот се наметнува обврска на Советот на јавните обвинители да ги префрли обвинителите од СЈО во рамките на новото обвинителство за организиран криминал, што е противуставно и противзаконски“, рече Мицкоски.
Тој наведе неколку забелешки кои биле посочени од експертите со кои се консултирале. За ВМРО – ДПМНЕ е спорно јавниот обвинител да го бира Собранието бидејќи тогаш се зависи од политичката волја и распоредот на сили во пратеничките клупи, повредено е уставното начело на единственост на јавното обвинителство, има нееднаков третман на јавните обвинители, се крши принципот на хиерархија и нелегално прислушуваните разговори не се ставени вон законот.
„ Ова не е закон кој треба да донесе правда, туку закон со кој се сака да се заштити хибридниот режим на Заев. Со ваквиот антиевропски закон со кој не се почитуваат ниту мислењата на релевантните меѓународни тела, впрочем Заев ја оддалечува земјава од европскиот пат. Ние тоа нема да го дозволиме, и нема да наседнеме на очајничките обиди на власта во заминување да избегне одговорност. Ние нашите забелешки ќе ги доставиме и доколку власта е вистински подготвена да се откаже од своевидна амнестија и посакува независно обвинителство кое исто така нема да амнестира слуги на Зоран Заев, ќе ги доставиме и доколку навистина тие имаат чесна намера подготвени сме да седнеме и да преговараме. И тоа веднаш кога тие ќе бидат подготвени да се откажат од оваа нивна цел“, потенцираше Мицкоски.
Реакција стигна речиси веднаш. Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, обвини дека забелешките на опозицијата се „нарачки од Будимпешта“ и се во прваец на заштита од одговорност од веќе сторен криминал.
„ Вака критички да се настапи кон еден закон кој е целосно во координација со ЕУ и САД е дефинитивно далеку од било каква нормалност во однесување на ваквки сериозни моменти. Овој закон е потврда дека нема ништо од тоа што го кажа Мицкоски, дека се обидува да амнестира криминали. Овој закон е направен во консултација со САД и ЕУ. Инструкциите доаѓаат од Будимпешта“, рече Заев.
Тој пак тврди дека со законот се спречува можноста политичарите да поставуваат обвинители и дека нуди системско и структруно решение далеку од нив во насока на јакнење на независноста и реформите правосудството. За Заев овој закон ги гарантира сите актуелни случаи, почнати истраги и предистраги без разлика на кого се однесуваат и се однесува на предметите од СЈО и минати, сегашни и идни предмети на Обвинителството за гонење на организиран криминал.
„ Ако навистина се за вакво решение јавно повикувам уште утре да седнат работните групи и да разговараат на писмени материјали за ова да го решиме во функција и интерес на граѓаните. Во спротивно останува само политиканство и сериозна потврда дека некој функционира за да го заташка криминалот и да ја спречи одговорноста за криминалот без разлика на кого се однесува“ изјави Заев и додаде дека со усвојувањето на овој закон се испраќа порака на сериозност и се дава аргумент плус на граѓаните дека постои системско решение но и на лидерите на земјите членки на ЕУ и Европската Комисија им се дава уште еден цврст аргумент пред носењето на претстојните одлуки кои се однесуваат на Македонија.
Иако беше најавено дека до крајот на неделата работните групи ќе се состанат и со тоа ќе се одблокира процесот на преговори кој почна во март минатата година, сега тоа е неизвесно. Од двете партии брифираат дека средбата може да се одржи викендов но би имала повеќе протоколарен формат околу вистинска дебата.
Роковите течат, а партиите мора да се договорат во наредните петнаесетина дена бидејќи Собранието мора да се распушти на 60 дена пред предвремените парламентарни избори закажани на 12 април односно на 11 февруари.
Извор: Воис оф америка

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.