Мицкоски го обвини ССМ дека е политички инструиран

Премиерот Христијан Мицкоски вечерва го обвини Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) дека е една од ретките институции кои што се политички инструирани и не почекале ниту десетина дена и почнале со напади кон Владата. Според Мицкоски, претседателот на ССМ „на сомнителен начин“ застанал на чело на функцијата.

-Единствениот негов напад беше да нападне со цел да обезбеди повисоки плати, без притоа да има било каков параметар на располагање и заедно да разговараме и без притоа воопшто да побара средба. Тие што побараа (СОНК) беа кај нас и разговаравме. Процесот тече. Голем дел од синдикатите кои се обратија до соодветниот министер, исто така имаат дијалог кој тече. Дел од барањата се усогласени, кажа премиерот воОтвореното студио на „МРТ1“ на дебата со уредници од неколку телевизиски куќи.

„Владата на Христијан Мицкоски во првите сто дена не го реализира покачувањето на минималната плата на 450 евра иако требаше да биде поставено како приоритет. 25.000 работници кои примаат минимална плата од 22.567 денари, тоа е нечовечки“, изјави пред шест Слободан Трендафилов, претседател на ССМ, на конференцијата посветена на социјалниот дијалог, организирана од ССМ и Фондацијата „Фридрих Еберт“.

Трендафилов истакна дека работниците не можат да покријат основни животни трошоци со минималната плата. „За да се покрие една синдикална минимална кошничка, потребни се веќе три минимални плати. Делот за храна и пијалаци веќе достигна 23.000 денари, што значи дека една минимална плата не покрива ниту леб и вода,“ додаде тој.

Според него, Сојузот на синдикатите на Македонија чека состанок на Економско-социјалниот совет за да се разговара за зголемување на минималната плата, но таква седница не се одржала.

„Не би коментирал што се случи во првите 100 дена. Утре ќе биде 101-ви ден и повторно ништо нема да биде сменето,“ истакна Трендафилов, дополнувајќи дека работодавачите кои исплаќаат плати под минималната граница прават кривично дело.

Пронајдете не на следниве мрежи: