Мицкоски го одби барањето на Савески, рече дека „не гледа простор за повисоки плати на обвинителите и на судиите“

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека во овој момент не постои можност за покачување на платите во судството и во обвинителството.

Оваа изјава следува откако новиот државен јавен обвинител Ненад Савески побара поголем буџет за обвинителството.

– Во делот на платите не гледам простор за зголемување, но во делот на ресурсите и на алатките секако дека може да разговараме, не само со обвинителството туку и со судовите – изјави Мицкоски на прес-конференција по владината седница.

Тој најави дека е прифатен план за нови вработувања во судовите, со кој треба да се засилат административните и стручните капацитети. Според него, станува збор за ангажирање на околу 200 луѓе низ судовите во земјава, претежно судски соработници и административци.

Мицкоски рече дека систематизацијата и планот ги подготвиле самите институции, по што документите биле доставени, одобрени, а парите за тоа обезбедени преку Министерството за финансии.

Пронајдете не на следниве мрежи: