Мицкоски е единствениот во ВМРО-ДПМНЕ чии афери се амнестираат од надлежните обвинителства и судови

Еуфоријата на Христијан Мицкоски за одложувањето на Вонредниот конгрес покажува колку е тој очаен и колку го интересира само сопствената функција велат во соопштение од Иницијативата за свикување конгрес во ВМРО-ДПМНЕ.

„Очекувано е човек кој доживеал целосен дебакл да се радува само затоа што се одложило неговото заминување од функцијата. Мицкоски е единствениот во ВМРО-ДПМНЕ чии афери се амнестираат од надлежните обвинителства и судови, додека останатите членови се соочуваат со драконски казни. Нема член на СДСМ кој не смета дека „Мицкоски треба да си го пазат како очи во глава“ и дека тој е омилениот спаринг партнер кој си го нокаутираат по договор“ – се вели во соопштението.

Иницијаторите за конгрес велат дека Мицкоски има неколкукратно понизок рејтинг од ВМРО-ДПМНЕ и ја влече партијата надолу, а меѓу два изборни циклуси успеа да загуби 150.000 гласови.

„Колку порано Мицкоски си замине од претседателската функција, толку подобро и за Македонија и за ВМРО-ДПМНЕ. Јасно е дека тој нема капацитет да ја води партијата. Отпорот против Мицкоски во партијата се зголемува и се ближи крајот на неговите партиски бизниси“ – стои во дописот од Иницијативниот одбор.

Иницијативниот одбор вчера информираше дека се одложува Конгресот кој беше закажан за 28. март поради како што објаснија влошената епидемиолошка состојба во државата.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.