Премиерот Христијан Мицкоски објави дека денес, во рамките на Минхенската безбедносна конференција, се сретнал со претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, со кого имале отворен и искрен разговор за европската перспектива на Македонија.
„Разговаравме отворено и искрено за европската перспектива на Македонија, реформите што ги спроведуваме и предизвиците што стојат на патот кон полноправно членство во Европската Унија. Јасно го пренесов нашиот став: Македонија останува посветена на европскиот пат. Но, во исто време, Македонија заслужува достоинствен и принципиелен процес, базиран на европски вредности, а не на билатерални услови“, напиша Мицкоски во објава на Фејсбук.
Премиерот нагласи дека владата работи на суштински реформи како што се владеењето на правото, борбата против корупцијата, економската стабилност и подобрувањето на животниот стандард на граѓаните.
„Европската иднина не е само политичка цел, таа е избор за подобра држава. Ние продолжуваме да работиме – со одговорност, чесност и со јасна визија за Македонија во Европа“, напиша Мицкоски по средбата со Коста.
The post Мицкоски-Коста: Македонија заслужува достоинствен процес на европска интеграција, а не по билатерални услови appeared first on Во Центар.



